Иако горе прашањата звучат застрашувачки, сите ние сме параноични кога се работи за газењето на нашата приватност на начини кои не ги разбираме, сепак поентата на тие прашање е дека е потребна регулатива и соодветна метода/закон за да се организира работењето на соодветните институции. Проблем е пред се во незнаење и грешките при изработување на законите.
Во новите измени стои дека МВР ќе има „отворен и јавен пристап“ до структурата на провајдерите. Тоа може да значи дека МВР кога сака и без ничијо знаење ќе може да следи информации. Но професорот Јован Јовчески, од Американскиот колеџ, вели дека тоа законски не е можно.
„За да ве некој следи законски мора да има судски налог, затоа овие измени се парадоксални.“ вели тој при тоа потенцирајќи дека проблемот е што нема да знаете дали ве прислушуваат или не.
Го прашав дали ако јас ги пробијам логовите на МВР и дознам дека сум прислушуван без налог, што ќе се случи?
„Ќе одговараш за неовластено влегување во системите, но во судот во Стразбург тоа ќе биде занемарено заради неовластеното прислушување, во цел на поголемиот приоритет“ вели професорот Јовчески.
Тоа значи дека законот, ако го има, може да функционира во корист на корисникот. Но се спомна Стразбург бидејќи во Македонија тие закони или не се соодветни или ги нема.
од 165 владини сајтови ниеден нема политика за приватност #privatnost
Филип Стојановски зборуваше за интересната анализа на Метаморфозис. Од 14.000 .mk сајтови само 41 имаат полиса за приватност. Како што се гледа од твитот погоре од 165 владини сајтови никој нема полиса за приватност – односно полиса за како се третира вашата приватност и вашите информации кога се логирате или користите услуги на некој сајт.
Сепак, во Македонија не е обавезно сајтовите да имаат полиса за приватност. Агенциите за заштита на личните податоци може само да сугерира полиса, но не може да ја наметне. Да бидеме и фер кон .mk сајтовите, колкумина од вас сте се загрижиле за дали некој сајт има полиса?
Интересно, иако дискусијата беше наменета пред се кон измените на Законот за електронски комуникации кој стана доста контроверзен бидејќи има промена на одредени членови во Законот, кои се претерани и проблематични, сепак преставници од Министерството за транспорт и врски одбиле да присуствуваат, а кога им било понудено дискусијата да се премести во термин кога би им одговарал на министерстовот, Метаморфозис не добиле одговор.