Ако некоја DRM заштита успеа да ги предизвика хакерите до точка на потење тоа е Denuvo. На почетокот заштитата беше добра до тој степен што со месеци никој не можеше нелегално да игра одредени наслови. Изминатото време покажа дека со доволно волја и најимпозантните ѕидини пукаат и игрите почнаа да се кракнуваат за само пет дена, па за ден и на крај за неколку часа. И потоа, Denuvo воведе дополнителен слој заштита наречен VMProtect. Ваквата комбинација им стави дополнителни сопки на хакерите и Assassin’s Creed: Origins не можеше да се хакне се до пред неколку дена.
Од неодамна, се дозна дека Irdeto ја купи Denuvо, компанијата која од петни жили се трудеше да ги симне порно содржините за играта Overwatch. Irdeto објаснува дека со купувањето на Denuvо ќе можат да го зголемат пазарот и да значително ја прошират оваа технологија и анти-пиратски услуги низ уште повеќе области.
„Успехот на една игра зависи од способноста истата да функционира онака како што е замислена од издавачот“, вели Даг Лоутер, извршниот директор на Irdeto. „Како резултат, заштита и на играта и на гејмерското искуство е од особена важност. Нашето партнерство обединува две децении од искуство во безбедност под еден кров и создава можности за подобро соочување со нови безбедносни закани. Однапред се радуваме на соработка и преземаме неколку иницијативи за да се подобри нашата клучна технологија и услуги, како би можеле подобро да им служиме на нашите муштерии.“
Denuvo е DRM заштита која едноставно обожавате да ја мразите, особено со неодамнешните обвинувања дека проблемите со перформансите во Assassin’s Creed: Origins се должат на DRM-заштитата. Irdeto е компанија која во неколку наврати и со удирање во градите проба да стави крај на порнографски содржини за една од најпопуларните игри, што претпоставувате, си го најде местото на омразата на слично скалило како и Denuvo. По се изгледа, за секого си има по некој, а Denuvo и Irdeto се чинат совршени еден за друг.