Интернет-неутралноста е во опасност. Постои реална можност да се донесе преседан со кој корисниците, веб страни и апликациите ќе можат да бидат третирани различно на различни делови од мрежата, односно дел од нив може да бидат со поголем приоритет на сметка на другите корисници, опоменува Wired.
Главен противник на неутралноста се гигантите провајдери на интернет услуги. Во 2005 година AT&T сакаа на големите компании како Google и Yahoo да им испорачаат подоверлив интернет со што нивните корисници ќе имаат посигурен пристап до нивните страни. За оваа услуга Google и Yahoo требаа да платат дополнително, иако и двете компании веќе плаќаа за пристап до Интернет.
Во 2006 година провајдерите се обидоа да воведат легислатива со која FCC, Федералната комисија за комуникација, ќе може да забрани на провајдерите блокирање на веб страни, но заедно со ова се обидоа да вметнат и дел со кој FCC немаше да може да им забрани на компаниите да ги наплатат своите иновации. Можеби поважно, ова ќе овозможеше различен интернет во различни области, поточно можност за подобра услуга во еден град, а полоша услуга во друг град. Ова ќе овозможеше на провајдерите да имаат можност да наплаќаат рекет доколку некој од полоша мрежа сака да ја промени за подобра варијанта. А на провајдерите ќе им овозможеше сами да си бираат веб страни, апликации или платформи кои ги претпочитаат. За среќа одредбата беше навреме забележана и одбиена, а принципот на кој на сите корисници им се нуди истата услуга е наречен „network neutrality“, пишува The Wired.
Овојпат пред судот е Verizon, кој бара да одлучи дали FCC воопшто има јурисдикција да ги регулира провајдерите на Интернет услуги. Доколку помине оваа одредба, FCC ќе го изгуби правото на вето кое го има во моментов и може да дојде до платена приоритизација на Интернет.