Интернет на нештата е следниот голем чекор за паметните уреди, фрижидери и кафемати поврзани на интернет, плаќање со мобилни уреди и регулација на температурата на климата преку интернет, се само дел од примерите од оваа технолошка револуција.
Иако сеуште овие уреди не се премногу застапени или искомерцијализирани, проекти како Gecko, кои ја започнуваат транзицијата се и повеќе од добродојдени кај потрошувачите. Gecko ќе биде додаток за паметните телефони со кој преку Bluetooth ќе може да се управува со музиката и камерата на паметниот телефон, но и снимање на видеа или поголем број фотографии на брзина.
Покрај ова со Gecko ќе може да се одбележат/тагуваат и повеќе објекти кои сакате да ги следите, заедно со главниот уред доаѓаат повеќе помали делови со вградени акцелерометри. Овие делчиња се „прилепуваат“ на врати, домашни миленичиња или лекови кои треба да ги земете во одреден период.
Вака ќе добивате нотификација секој пат кога ќе се отвора вратата, потсетување кога треба да го земете лекот или предупредување дека домашното милениче прошетало предалеку, дури и кога сте далеку од дома.
Gecko ќе поддржува Android и iOS оперативен систем, а еден од првите поддржувачи на проектот е основачот на Apple, Стив Возниак.
I contributed to this – useful as well as prankful – http://t.co/SbOL89AXCu
— Steve Wozniak (@stevewoz) September 19, 2013
Доколку сакате да го поддржите проектот можете да ја посетите Indiеgogo страната и да донирате, донациите се од 20 до 995 US долари, а единствено се менува бројот на уреди кои ќе ги добиете.
За 20 US долари ќе ја добиете основната верзија со која ќе може да се следи движење, контрола со гестови и контрола на музика и камера на паметен телефон. За најголемата донација 995 US долари, покрај додатни опции и 10 уреди купувачите ќе имаат и пристап до Gecko API-то за креирање апликации.