Ирската комисија за заштита на податоците го казни Instagram со 405 милиони евра. Причина за казната е неусогласеност со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Ова е втора највисока казна изречена за прекршување на GDPR регулативата. Највисоката казна досега е 746 милиони евра и ја плати Amazon. Казните за прекршување на GDPR ги носат агенциите во државите во кои е регистрирана компанијата, па за американските и кинеските компании, тоа е најчесто ирската агенција.
Instagram е казнет поради нарушување на приватноста на децата. Имејл адресите и телефонските броеви се, (или барем беа) јавни на Instagram. Ова важи за сите корисници, но податоците на децата треба да бидат заштитени подобро.
За Meta, компанијата која е сопственик на Facebook и на Instagram, ова е веќе трета казна која е изречена поради прекршување на GDPR. Претходните две казни беа изречени на WhatsApp – сервисот беше казнет 225 милиони евра и Facebook кој беше казнет 17 милиони евра поради непочитување на правилата за приватност.
Повеќе детали за одлуката ќе бидат објавени следната недела, а предвреме „протекоа“ финансиските детали на одлуката, кои ги пренесе Politico.
„Ова истражување е фокусирано на старите нагодувања кои ги променивме пред една година, и оттогаш објавивме многу функционалности за тинејџерите да бидат побезбедни, а нивните податоци да бидат приватни.
Профилите на сите кои се помлади од 18 години се приватни уште со приклучувањето на Instagram. Само луѓето кои ги знаат може да ги гледаат податоците, а возрасните не можат да комуницираат со тинејџери кои не ги следат…“, вели портпаролот на Meta.
Казната која му е изречена на Instagram е втора највисока казна досега поради прекршување на GDPR.
Највисоки казни досега
1. Amazon – 746 милиони евра
Највисоката казна поради прекршување на GDPR досега ја доби Amazon пред околу една година. Во времето кога на трговскиот гигант му беше изречена казната, во јули 2021, беше 15 пати повисока од следната највисока казна. Детали за казната не се објавуваат се додека не заврши жалбата на Amazon во целост.
Прекршувањето на Amazon е поради начинот на кој ги користи податоците на клиентите за таргетирано рекламирање.
2. Instagram – 405 милиони евра
Казната на Instagram од оваа недела е втора највисока казна. Повеќе детали очекуваме да дознаеме следната недела.
3. WhatsApp – 225 милиони евра
Пред Instagram најголемата казна за компанија во сопственост на Meta беше изречна на WhatsApp. Причината поради која WhatsApp доби казна – недоволно објаснет процес на обработка на податоци на корисниците во политиката за приватност.
4. Google – 90 милиони евра
Најголемата казна за Google, во висина од 90 милиони евра ја донесе Француската агенција за заштита на податоци. Казната се однесува на процедурата со која Google бара согласност за интернет колачиња на YouTube. Казната можеше да биде избегната ако YouTube имаше имплементиран едноставен начин за одбивање на колачињата.