Нова функционалност на Instagram, ќе ја приближи друштвената мрежа за слики до Twitter. Најавата за конкурент на микроблогот не е нова, но оваа недела за прв пат има некаков споделен податок за изгледот.
Она што досега е познато е дека Instagram работи на децентрализирана друштвена мрежа. Мрежата ќе биде слична на апликации како Mastodon, но корисниците ќе ги користат своите Instagram профили, а ќе има и синхронизација помеѓу профилите. Името, биографијата, и потребната верификација на корисникот ќе биде префрлена од постоечкиот Instagram профил, пишува Лиа Хаберман на Substack.

Facebook се обидува да зафати дел од просторот кој остана празен откако Илон Маск го презема Twitter. Се чини дека во најголем дел бројот на корисниците на Twitter е непроменет. Сепак, мал дел од корисниците се префрли на Mastodon. Дел чекаат да видат што ќе стане со Bluesky, новата друштвена мрежа на Џек Дорси. Instagram е само уште една платформа која ќе се обиде да привлече корисници, а Meta веќе има заедница која може да ја искористи.
Проектот во Instagram има неколку кодни имиња: P92, Project 92 и Barcelona. Веќе има и таглајн за платформата „Instagram за вашите мисли“.
Meta веќе започна да ја презентира платформата на дел од креаторите на содржини. Визуелизацијата доаѓа од маркетинг слајд кој оваа недела „протече“.
Содржината која може да се објавува е текст со максимална должина од 500 карактери, слики, видеа и линкови. Ова е помалку текст отколку што сега е достапен во објавите на Instagram. Максималната должина на видеата нема да може да надмине 5 минути.
Изгледот на апликацијата не е револуционерен. Можеби не е копија на Instagram, но секако не е копија ниту на Twitter. Она што е интересно е дека модерирањето со коментарите започнува уште веднаш. Креаторот на содржина може да ги контролира одговорите, споменувањето, да блокира или да одбележи нешто како спам. Профилите кои имаат забрана на Instagram ќе ја продолжат забраната и овде, а истото важи и за скриените зборови.
Засега нема точна дата за излегување на апликацијата. Според првите проценки, би можела да биде достапна од крајот на јуни.