Инкубаторот Step Up во соработка со Asseco SEE и DoXTeam ја објавија првата програма за стипендирање на бизнис таленти. Стипендирањето се однесува на студентите запишани во 1 и 2 година на факултетите за информатички технологии и компјутерско инженерство.
Кандидатите ќе бидат дел од тестови, самостојно и тимско решавање на задачи и интервјуа пред да бидат дел од програмата. За сите кои ќе бидат примени во програмата, ќе биде обезбедна парична стипендија од 7.400 денари месечно. Поважно, ќе имаат можност преку обуки и менторство да развијат и други вештини потребни за извршување на работните задачи.
„Веруваме дека во следните години во оваа иницијатива за зголемување на интересот кај младите за информатичките технологии ќе се вклучат многу повеќе компании и дека сето тоа ќе значи зајакнување на секторот, зголемување на конкурентноста на македонските компании и спречување на одливот на таленти надвор од нашата земја преку обезбедување на повисок животен стандард на се повеќе млади луѓе и семејства“, вели Дарко Петровски од Step-Up.
Сите кои ги исполнуваат условите може да се пријават со внесување на податоци на следниот линк. Повеќе податоци може да пронајдете во јавниот повик.
Услови кои треба да ги исполнат студентите:
- Да сте редовно запишани во I (прва) или II (втора) година на еден од факултетите од областа на информациските технологии (ИТ) и/или компјутерско инженерство во Македонија.
- Во текот на досегашното образование да сте постигнале одлични резултати и тоа:
- ако сте запишани во II (втора) година да сте ги положиле сите испити во прва година и да сте постигнале најмалку 8,50 просечен успех во студирањето,
- ако сте запишани во I (прва) година да сте оствариле одличен просечен успех во средното образование.
- Да сте вклучени во воншколски активности и да работите на својот личен развој и на развојот на општествената околина во која живеете.