Imagine Earth: Градење колонии на далечни светови

Serious Bros., талентирано инди студио, уште од 2021 година посветено работи на создавање на една од најрелаксирачките симулации за градење и одржување колонии и градови. Ова е игра која без двоумење ве вовлекува во едно преубаво и крајно незаборавно искуство, ставајќи ве во улога на пионер кој има задача да населува различни далечни светови.

Вашата мисија вклучува собирање витални ресурси за опстанок и напредок, производство на разновидни добра за задоволување на потребите на населението, како и воспоставување трговски односи со други нации. Сето ова е со една главна цел: успешно да формирате значајни економски и дипломатски сојузи кои ќе ви помогнат да им се спротивставите на алчните корпорации.

Паралелно со овие општествено-економски предизвици, ќе имате потреба и континуирано да спроведувате научни истражувања за да ја унапредите вашата технологија и да го подобрите животот на вашите колонисти. Исто така, од клучно значење ќе биде да ги заштитите вашите градови од најразлични, најчесто природни катастрофи кои можат да го загрозат вашиот напредок, како и мудро да се справувате со растечката климатска криза која може да има далекусежни последици за иднината на вашите цивилизации.

Подгответе се да градите, тргувате, истражувате и да ги водите вашите колонии кон просперитетна иднина во еден свет полн со можности и предизвици!

Чекор-по-чекор

Ништо од работите што ви ги опишавме горе нема да предизвикаат чувства на стрес или фрустрации. Imagine Earth, како што кажавме, е прекрасна и релаксирачка игра каде акцентот е на нудење комплексно, но зен-инпирирано искуство кое ви дава алатки за создавање и управување со една научно-фантастична нирвана. Тоа е затоа што ние сакавме така и игравме на најлесна тежина, но, доколку сакате значително поголем предизвик измешан со скубење коса, слободно одете со Hard опцијата.

Вашата прва дестинација е планетата Туту, каде што ве очекува амбициозна задача: да создадете одржливи услови за живот на дури 900.000 колонисти кои со нетрпение чекаат да го наречат овој нов свет свој дом. Првата и најважна точка на дневниот ред е обезбедувањето храна за оваа растечка популација, што ќе го постигнете преку мудро планирање и изградба на ефикасни фарми, паралелно обезбедувајќи стабилен извор на енергија за да ги придвижувате вашите новосоздадени објекти.

Веднаш потоа, ќе биде неопходно да подигнете фабрики за процесирање на основните ресурси како камен и дрво, со што ќе обезбедите соодветни градежни материјали за понатамошен развој на вашата колонија. И така натаму, чекор по чекор. Претпоставуваме дека веќе ви е јасно каде одиме со ова – секоја успешно завршена задача отвора нови можности да се посветите на следниот клучен аспект од развојот на вашата цивилизација. На овој начин се создаваат одлични можности за значаен прогрес, особено кога ќе почнете да ја ширите вашата територија, да влегувате во позначајни дипломатски разговори со претставници на други фракции и да спроведувате клучни научни истражувања кои ќе ја обликуваат иднината на вашата колонија.

Поставување темели за просперитетна иднина

Клучно во Imagine Earth е вашата моќ да влијаете на климата на планетите што ги населувате, со сите позитивни и негативни последици што произлегуваат од тоа. Од вас зависи дали ќе дозволите неконтролирано зголемување на температурите, драматично топење на поларните капи и опасно покачување на нивото на морињата, со потенцијално катастрофални последици за вашите колонии.

Играта постојано ве става пред етички дилеми, принудувајќи ве да избирате помеѓу благосостојбата на вашите жители и желбата за брза економска добивка, со постојана потреба да одржувате здрав и балансиран екосистем. Сепак, не сите предизвици се под ваша контрола – ќе мора да се соочите и со непредвидливи закани како што се разорни удари од астероиди, неконтролирани диви пожари, вулкански ерупции и други природни катастрофи кои можат да го загрозат вашиот напредок во миг.

Во целиот овој динамичен и често непредвидлив хаос, ќе се најдете и во ситуации каде што ќе треба да преговарате со вонземски инвеститори кои можеби имаат свои агенди, или пак да ја браните вашата новосоздадена цивилизација од ненадејни вселенски напаѓачи.

Сите овие комплексни механики се маестрално искомбинирани, создавајќи едно богато, непредвидливо и крајно ангажирачко искуство кое ви овозможува да градите над 50 различни структури за развој на вашите колонии, да отклучувате повеќе од 80 корисни надградби за подобрување на нивната ефикасност, да имплементирате разновидни заштитни мерки на дури 9 уникатни и различни планети, и дури да го искористите моќниот вграден едитор за креирање на целосно нови планети кои потоа можете да ги споделите со остатокот од заедницата, проширувајќи го светот на Imagine Earth до невидени граници.

Нови галаксии

Главната причина поради која токму во овој момент пишуваме за Imagine Earth е неодамнешното објавување на долгоочекуваното DLC наречено Galaxies. Овој додаток, кој се карактеризира со својата пристапна цена, во играта внесува значително количество свежа содржина која дополнително ќе го збогати вашето искуство.

Подгответе се да истражувате дури 20 нови и уникатни планети, да ја изградите вашата прва вселенска станица како централен јазол за меѓупланетарни операции, да го искористите револуционерниот орбитален лифт за поефикасен транспорт на ресурси и луѓе, да ги проширите вашите градски центри со нови и корисни надградби кои ќе ја подобрат ефикасноста и изгледот на вашите метрополи, и конечно, да се впуштите во сосема нова и возбудлива кампања која ќе ве одведе на патување низ четири различни планети, секоја со свои уникатни предизвици и можности за истражување и развој.

Со Galaxies, светот на Imagine Earth станува поголем, побогат и поинтересен, ветувајќи часови нови стратешки предизвици и забава за сите љубители на овој извонреден градежен симулатор.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments