SuperData ја сподели листата од игри со најголема заработка од минатиот месец. Уредно подредена во три категории, заинтересираните можат да видат кои игри палеа и жареа помеѓу PC гејмерите, кои помеѓу гејмерите на конзоли, а кои во индустрија со мобилни телефони. Изненадува фактот што прастарата, но ултра популарната League of Legends и понатаму тврдоглаво седи на PC тронот, додека Fortnite доминира во светот на конзолите, веднаш зад FIFA 19. На сцената со мобилни телефони, Honour of Kings се дружи со Pokemon GO и Clash of Clans, иако, Candy Crash Saga и понатаму пронаоѓа креативни начини да ги охрабрува играчите и нивните паричници.
Crash Team Racing Nitro-Fueled се прогласи од SuperData како игра која имала едно од најдобрите лансирања во историјата на овој жанр. Иако излега во втората половина на јуни, играта успеала да се продаде во импресивни 552,000 примероци.
Месецот јуни се покажал исклучително профитабилен и за играта на Ubisoft, Rainbow Six Siege. Целосната заработка се искачила на зашеметувачки 36.8 милиони долари, што е за 50% повеќе од заработката од мај, односно 9% повеќе од јуни од минатата година. Доказ дека старите игри можат да генерираат поголема заработка со текот на времето.
А, кога сме кај стари игри и вртоглави заработки, Overwatch надмина една милијарда долари, заработка само од кутиите со плен. Со ова, Overwatch стана 64 игра во историјата на оваа индустрија која успејала да спечали над една милијарда долари само од кутии за плен, независно од платформата. Како игра на Activision, Overwatch е шеста нивна игра која спечалила ваква зашеметувачка сума, веднаш зад World of Warcraft, Call of Duty, Destiny, Candy Crush и Hearthstone.
За крај, SuperData го потенцира трендот на продавање ААА игри со значително поголеми попусти. Како пример, ги наведоа игрите Sims 4 (ЕА) и NBA2K19 (Take-Two), кои се продаваат по цена од само 5 долари. Како причина за ваквото драстично намалување на цените, SuperData влечат паралела помеѓу желбата на издавачите да се привлечат што е можно повеќе играчи во игри кои се одликуваат со огромен број дополнителни додатоци и можности за микротрансакции.