Кога се работи за интересни и невообичаени симулации, девелоперите од развојното студио Two Horizons успешно го поплочуваат патот првин со Hotel Renovator, а потоа и со ветување за подеднакво интересните Airport Renovator, Camping Builder, Aquapark Renovator, и Best Mall Simulator.
Во соработка со Focus Entertainment, Hotel Renovator ужива во 78% позитивни рецензии на Steam веќе добра година. Од неодамна, играта конечно излезе и за конзолите, попрецизно за PS5 и Xbox Series X|S. Ние го имавме задоволството да ја провериме PS5 верзијата – The Hotel Renovator Five Star Edition. Повеќе за неа, по трејлерот! :)
Дизајнирате го хотелот од вашите соништа!
Целта во Hotel Renovator е многу едноставна: да го осмислите хотелот од вашите соништа, по која било цена. Наследувајќи запуштен хотел, вашата задача ќе биде да пробате да го вратите хотелот на старата слава.
Отклучувајќи соба-по-соба и спрат-по-спрат, ќе биде потребно да ги целосно исчистите собите, да го уништите она што не може да се продаде и да вдахнете нов живот и убавина со креативно пополнување на собите со над 2000 парчиња мебел.

Со оглед на тоа дека играта бара „попрецизна“ контрола, ние бевме пријатно изненадени од фактот дека во ниеден момент не почувствуваме потреба да користиме глувче и тастатура. Контролерот врши одлична работа и, по првичниот период на привикнување, лесно можевме да скокаме низ менијата и соодветно да манипулираме со мебелот и бројните материјали за подот и ѕидовите.
А кога сме кај мебелот и организација низ собите, бидете спремни на целосно задоволување на вашите креативни потреби; на скоро секое парче мебел можете да ги менувате текстурите, дизајните и боите, се со цел идеално да се вклопи во вашата замислена перцепција за собата.

Имајте во предвид дека пред да дојде мебелот на ред, потребно ќе биде да користите бројни алатки за чистење и кршење на она што веќе го има низ запуштените соби.
Гејмерите кои се по уредување на собите би можеле да гледаат на оваа механика како на здодевна предигра, но подоцна ќе можете полесно да се снаоѓате и да имплементирате механики за поефикасно чистење на просториите.
Од друга страна, како еден вид мала утеха е тоа што чистењето на собите ви дозволува да откриете одредени работи за минатото на хотелот и да добиете подобар увид за впечатливи настани кои допринеле до подемот, но и падот.

Во Hotel Renovator пари печалите на два начини, тесно поврзани со константната потреба да одржувате што е можно повисок стандар.
Таквото нешто не е лесно и потребно е да инвестирате во бројни предности и атракции, како и да ги оддржувате и чистите собите и да вршите брзи поправки. Целта е да оставите позитивен впечаток на гостите, како би добиле рецензија од 5 ѕвездички.
Во кампањата нема да можете константно да се фокусирате на делот со уредување. Некои од гостите ќе ве прекинуваат и ќе бараат од вас да им средите соба според нивни, обично ексентрични потреби. Таквите барања се од временски карактер и што побргу ги завршите – тоа подобро за вашиот рејтинг.

Комплетната едиција се одликува со дополнителни и уникатни парчиња мебел
За уште поголема забава, би можеле да размислите да ја проверите комплетното издание на играта. Hotel Renovator – DLC PACK ви дава пристап то шест додатоци.
Секој од додатоците се одликува со уникатни комплети од мебел, особено доколку сакате да осмислите футуристичка или стимпанк соба или пак импресивна теретана за гостите.

Доколку ви се допаѓаат градењето и уредувањето во The Sims игрите или, можеби, делот со градење во Fallout 4, тогаш Hotel Renovator е солидна и забавна алтернатива која пружа богати можности за изразување на вашата креативна страна.
За крај, би сакале да го истакнеме и апсолутно преубавиот графички енџин кој реалистично ја прикажува внатрешноста на хотелот. За пофалба е и музичката подлога која, иако суптилна, одлично допринесува до релаксирачка атмосфера.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Two Horizons
- Издава: Focus Entertainment
- Жанр: симулација, дизајнирање
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 12 март 2024, за конзоли