Гејмерските ветерани сигурно имаат пријатни спомени поврзани со Heroes of Might and Magic, особено со првите три игри кои беа задолжителна лектира во деведесеттите години на минатиот век.
Како игра која е директно инспирирана од тој серијал, Songs of Conquest успешно вдахнува нов живот во turn-based tactics жанрот и ги импресионира бројните фанови со преубава ретро-инспирирана графика, но модерни гејмплеј елементи кои одново ја редефинираат фразата: само уште еден круг.
Songs of Conquest се има продадено во над половина милион примероци!
Во Songs of Conquest истражувате огромни и прекрасно дизајнирани мапи кои се пополнети со најразлични богатства, мистериозна опрема, но и предизвикувачки непријатели.
Не можеме да нагласиме колку ги ценевме тие почетни моменти на истражување, дознавање дека е особено важно да се истражи секој агол од мапата, и наидување на различни мини сценарија кои имаат носат мали или значителни последици директно врзани со вашата одлука.
Во моментот кога ќе наидете на непријателска војска, настанува транзиција од светската мапа на бојното поле преку кое ги поставувате вашите единици и им давате најразлични наредби за офанзивни и дефанзивни тактики.
Карактеристично за игри од овој калибар, имате на располагање најразлични единици. Секоја од нив се одликува со уникатни способности кои дополнително можат да бидат потпомогнати во вашите магионичари (познати под името Wielders).
Иако Songs of Conquest може без проблем да се игра соло, топло препорачуваме да ја проверите играта и преку ко-оп или преку режимот за повеќе играчи (имате на располагање local hotseat или online multiplayer).
Дополнителен плус е тоа што имате на располагање и комплексен едитор преку кој можете да создавате ваши авантури.
За нивната креација ги користите истите алатки кои биле користени од самите девелопери. Со алатките, можете да правите и кампањи и skirmish мапи.
Се што ќе направите потоа можете да го играте со вашите пријатели или пак да го споделите на заедницата.
Иако играта неодамна излезе од раниот пристап, плановите за неа никако не застануваат тука.
Охрабрени од огромниот успех, развојниот тим веќе изјавија дека работат на голема експанзија која ќе не запознае со две дополнителни фракции.
Паралелно со ова, планирани се уште четири DLC кои ќе ги прошират одредените делови во играта.
Songs of Conquest е исклучително комплексна и одлично изградена игра на која допрва ќе се работи и значајно проширува.
Доколку бевте разочарани со секој нареден продолжеток во HOMM серијалот што дојде по тројката, тогаш ова е игра е еден вид љубовно писмо специјално адресирано до вас!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Lavapotion
- Издава: Coffee Stain Publishing
- Жанр:Стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 20 мај 2024