Instagram, една од најпопуларните мобилни апликации за споделување фотографии со, од минатата недела, 27 милиони корисници, достапна за iPhone и наскоро за Android, ќе влезе во партнерство со уште една популарна апликација за фотографирање Hipstamatic, открива Fast Company.
Партнерството ќе им овозможи на корисниците да сликаат со Hipstamatic која има бројни филтри за стилизирање на фотографијата, и потоа истите тие фотографии да ги закачат на Instagram од каде ќе може да се споделуваат со другите корисници.
Ова е прв пат Instagram да го отвори своето API за други апликации. Фотографиите на Instagram кои ќе бидат сликани и стилизирани со Hipstamatic ќе бидат тагирани дека се од Hipstamatic. Корисникот ќе може да кликне на тагот и да ја отвори апликацијата, или доколку нема да ја симне од iTunes.
Што се однесува до Instagram, нивниот CEO и ко-основач Кевин Систром вели дека забележале бројни фотографии кои доаѓаат од Hipstamatic, па логично им е да го започнат партнерството со цел да им понудат на корисниците поквалитетно искуство.
„Би очекувал, доколку овој експеримент биде успешен, да видиме повеќе API клиенти на кои ќе им биде дозволено да го прават истото.“, вели г. Систром чија апликација сега е на пат да се претвори во друштвена платформа.
