Доколку нѐ читате подолго време, тогаш знаете дека сме огромни фанови на инди игри, особено инди игри кои нудат или нови механики или пак доволно надградени елементи за да целото искуство делува свежо и невообичаено.
Hauntii е игра која храбро експериментира со сите аспекти кои прават една игра. Како резултат, добиваме целосен и крајно уникатен продукт кој ќе ве вовлече со невообичаениот графички дизајн, но ќе ве освои со впечатливата приказна, преубавата музичка подлога и паметно осмислените загатки.
Hauntii е игра која е сместена во вечноста. Eternity е место кое постои надвод од реалноста и е дом за сите души кои ќе го напуштат нашиот свет. Вечноста не е ниту рај ниту пекол, туку она што душите ќе решат да го направат.

Некои души се целосно задоволни и извлекуваат максимум за време на нивниот вечен престој. Некои души, меѓутоа, лесно можат да бидат лулнати во мрачни води, да бидат корумпирани, а потоа и трансформирани во одвратни, пеколни верзии на она што некогаш биле.
Ваша задача е да го истражувате овој свет, да пробате да го најдете вашето место и, пред сѐ, да пробате да дознаете која е мистериозната, светлечка раса која изгледа како ангели и има за задача да ги насочува изгубените души.

Hauntii е игра со едноставни механики, но огромна душа. Во преубавиот и крајно невообичаен свет ќе можете да поседувате најразлични предмети и суштества, како и да ги користите нивните уникатни способности за решавање загатки, собирање драгоцени ресурси и вршење одредена надградба на вашите лични способности.

Користејќи twin-stick шутер механики, ќе можете да контролирате не само непријатели, туку и камења, дрвја, инсекти и слично. Секој од контролираниот предмет, односно суштество, ќе ви понуди поразлични начини за патување низ вечноста, како и спротиставување со непријателските сили.

Hauntii е преубава игра со суптилна, но моќна приказна, релаксирачка музичка подлога и загатки кои се толку природно интегрирани во светот, да во ниеден момент нема да почувствувате ни трошка фрустрација. Поентата во играта е да започнете магично патување полно со неочекувани суштества и настани.

Развојното студио Moonloop Games одлично ја имаат реализирано нивната визија и доколку сакате невообичаени авантури со мали акциони примеси, но длабоки и емоционални механики поврзани со истражување, тогаш ова е наслов кој не би требало да го скокнете.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Moonloop Games
- Издава: Firestoke
- Жанр: ацантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 23 мај 2024







