Летото и натаму трае, a ниту оваа недела нема некои спектакуларни вести од светот на хардверот. Има лоши вести, на пример најавата дека Intel ќе ја зголеми цената на процесорите. Другите се нешто подобри, на пример Samsung разви GDDR6 DRAM со брзина 24Gbps; Magic Leap 2 започнува со продажба на 30 септември;Google го претстави Chrome OS Flex…
Intel најави нови цени за речиси сите производи…
Еден од најголемите производители на чипови планира значително повисоки цени за своите производи. Од она што досега протекло од компанијата цените на производите ќе бидат повисоки за сите производи, и тоа за некои неколку проценти, а за некои и до 10, па и 20 проценти.
Ако се прашувате за кои производи станува збор, информациите велат дека ќе останат многу малку производи со непроменета цена. Нови цени веќе наесен може да очекуваме за процесорите за сервери и компјутери, Wi-Fi чипови и слична електроника за поврзување, пренесе Nikkei.

Повисоката цена доаѓа во период на намален интерес за електроника и ИТ-опрема. Најголем дел од клиентите на Intel како Acer и Asustek предупредија на намалениот интерес.
Се чини дека повисоките цени наскоро ќе може да ги очекуваме од сите производители. Производителите на материјали за чипови Shin-Etsu Chemical, Sumco и Showa Denko веќе ги известија своите клиенти дека ќе ги подигнат цените на суровините за 20%.
Samsung разви нова GDDR6 DRAM меморија за графички картички
Samsung оваа недела објави дека завршиле со развојот на нова GDDR6 DRAM меморија. Брзината на меморијата е 24Gbps. Графичките картички со оваа меморија ќе имаат брзина на процесирање од 1,1 TB што ќе биде доволно да завршат 275 филмови во Full HD за 1 секунда, пишува ZDNet.
Меморијата ќе доаѓа во 16Gb чипови. Изработена е со 3-та генерација 10nm process. Во меморијата се користат high-k metal gates што овозможува 30% побрза работа од постоечката 18Gbps меморија.
Magic Leap 2 наскоро комерцијално достапен
Едни од најинтересните очила за проширена реалност Magic Leap 2 наскоро ќе бидат и комерцијално достапни. За жал, очилата во продажба ќе бидат достапни исклучиво за купувачите од САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија. Шпанија и Саудиска Арабија. Втора, и веројатно уште полоша вест, Magic Leap 2 очилата се исклучително скапи.
Продажбата за сите очила започнува од 30-ти септември, а ќе бидат достапни 3 модели. Magic Leap 2 – стандардната верзија доаѓа со 1 година гаранција, а чини 3300 долари. Magic Leap 2 Developer Pro моделот е наменет за развој на проширена реалност и доаѓа со пристап до алатки за развој, пример проекти, деловна функционалност. Цената на овој уред започнува од 4100 долари.
Последната и најскапа верзија Magic Leap 2 Enterprise доаѓа за 5000 долари. Во цената е вклучен и 2 годишен пристап до деловните функционалности и надградби на софтверот на секои 3 месеци. Ова е единствениот модел кој доаѓа со 2 годишна гаранција.
Вештачка интелигенција предвидува дали бебето навистина плаче
Вештачката интелигенција се почесто наоѓа различна примена во секојдневниот живот. Owlet Cam 2 е монитор за бебиња кој предвидува дали бебето навистина плаче, а на родителите ќе им помогне подобро да го планираат својот одмор.

Новата Owlet Cam 2 паметна камера со помош на машинско учење и вештачка интелигенција ги анализира звуците на бебето. Потоа ги известува родителите дали бебето навистина плаче. Штом камерата забележи, звук или движење од собата праќа нотификација до телефонот на родителите.
Системот може да го следи и циклусот на спиење на бебето, и да процени кога бебето е подготвено за спиење.
Цената на Owlet Cam 2 е 440 долари.
Hyundai го претстави новиот електричен Ioniq 6
Hyundai полека, но сигурно, го проширува своето портфолио на електрични возила. Најновиот седан Ioniq 6 има радиус на движење помеѓу полнењата од 610km. Дополнително Ioniq 6 доаѓа со 800V полнење кое може да го наполни возилото од 10% до 80% за 18 минути.
Моделот ќе доаѓа во неколку верзии кои се разликуваат и по капацитетот на батеријата. Стандардниот модел доаѓа со 55kWh батерија, а постои можност за надградба на батеријата на 77,4kWh. Според распоредот на моторите има две верзии RWD со 2 мотори и AWD со 4 мотори.
Благодарение на технологијата која е достапна во возилото, возачите ќе можат да го прилагодат автомобилот за својот начин на возење.

Производството на Ioniq 6 за европскиот и јужнокорејскиот пазар ќе започне оваа година. За САД возилата ќе започнат да се произведуваат на почетокот на 2023.
Chrome OS Flex да ги „оживее“ старите компјутери…
Оваа недела Google го издаде Chrome OS Flex. Оперативниот систем е наменет за употреба во компании и училишта кои користат постари декстоп или Mac компјутери. Chrome OS Flex е „лесен“ оперативен систем, па го продолжува животот на постарите машини.
Google го најави Flex во февруари со тест верзија. Во официјалната верзија се поправени над 600 пропусти. Оперативниот систем поддржува над 400 различни уреди. Инсталацијата е преку инсталационен USB.
Оперативниот систем преку продолжување на животот на компјутерите треба да го намали загадувањето со електроника, но ова не е единствена придобивка. Благодарение на тоа што Chrome OS е позатворен оперативен систем од Windows, потешко е да се пробие заштитата и да се побара откуп.
Хотелите Nordic Choice кои беа жртва на „ransomware“ напади веднаш по излегувањето на Chrome OS Flex се префрлија на овој оперативен систем, пишува Verge.
Прашање е дали новата GDDR6 DRAM меморија ќе се имплементира во новата серија на Nvidia i AMD графички картички ?