Хардвер од минатата недела – нови графички картички, лоши вести за PS VR2, Core i9-13900K е огромен скок од претходната генерација

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Првите кинески гејминг графички картички излегуваат во 2025 година. AMD и Intel претставија дел од перформансите на своите процесори. Новиот iPhone 14 има проблем со камерата. Nvidia во октомври започнува со продажба на „Ада Лавлејс“ графички картички.

Ова се само дел од вестите за хардвер кои се достапни последните денови.

MetaX Tech ги најави првите 7nm гејминг графички картички за 2025 година

Кинескиот производите на графички картички MetaX Tech најави дека во 2025 ќе ги претстави своите први 7 nm графички картички наменети за играње видеоигри. Ова е прва кинеска графичка картичка која е првенствено наменета за гејминг. Досега фокусот на кинеските производители се графички картички за „работа“.

Со оглед на тоа дека има уште многу време пред да излезат графичките картички не е никакво изненадување што нема повеќе детали. Она што е најавено е дека производството ќе започне наскоро, но масовно ќе започне да се произведува за две години во 2024.

Картичката на MetaX ќе биде целосно развиена во компанијата, од GPU архитектура, до инструкциите. Инженерскиот тим зад новата графичка картичка е составен од инженери кои порано биле дел од Nvidia или AMD. За релевантни резултати за спецификациите на новите графички картички сепак ќе треба да почекаме.

Core i9-13900K значително побрз од Core i9-12900K

Следната генерација на процесори од Intel ќе биде значително побрза од сегашната. Ова најмногу се однесува на Core i9-13900K процесорот кој е замена на Core i9-12900K. Иако е рано, а процесорот не излегува до 20-ти октомври, многу рана проценка на процесорот покажува сериозен скок во перформансите.  Првиот преглед го објави Bililbili, но оттогаш страницата е отстранета.

Intel на новиот процесор го дуплираше бројот на E-јадра и ги подобри перформансите на  L2 и L3 кеш меморијата. На јадрата 1 и 2 boost-фреквенцијата е 5,8GHz; на јадрата 3-8 турбо boost фреквенцијата e 5,5 GHz. Напредок има и кај штедливите јадра кои сега работат на 4,3GHz. Дополнително Intel го зголеми бројот на овие јадра од 8 на 16.

Напредокот во јадрата и кеш меморија придонесе новиот процесор на Cinebench R15, R20 и R23 бенчмарк тестовите во просек да биде 12,5% побрз од Core i9-12900K. Во тестовите на едно јадро резултатите се и подобри и  перформансите се 16 отсто подобри.

Засега е прашање колку навистина може да веруваме на овие неофицијални тестови, но за околу 1 месец ќе има подетални информации.

Intel започнува со продажбата на гејминг графички

Одлична вест за сите кои ги чекаат првите гејминг графички од Intel. Минатата недела започнаа подготовките за испорака на првите A770 графички картички до продавниците. Дел од картичките стигнаа и во раце на директорите на Intel. Директорот на компанијата Пат Гелсингер објави дека тој веќе ја добил својата графичка картичка, пренесе Tom’s Hardware.

Засега е нејасно каде ќе започнат првите испораки на картичките. Претходниот модел Arc 380 започна со продажба во Кина. За гејминг картичките досега нема најава каде прво ќе се продаваат.

Добра вест е дека шпекулациите дека Intel ќе го затвори одделот за графички картички се покажаа како неточни, и производителот продолжува понатаму.

Nvidia ги најави RTX 4080 и RTX 4090

Најголемиот производител на графички картички – Nvidia е подготвен за следната генерација на графички картички. Компанијата најави дека RTX 4090 започнува со продажба веќе на 12-ти октомври. Вообичаено најмоќните графички картички се скапи, а тоа е случај и овој пат. RTX 4090 ќе се продава за 1600 долари. За RTX 4080 засега нема точна дата на излегување, но ќе биде во ноември. Кога ќе започне продажбата оваа картичка ќе чини 900 долари. Процесорите во серијата 40xx се со Ада Лавлејс архитектура.

RTX 4090 ќе биде најмоќната графичка во оваа генерација. Доаѓа со 16384 CUDA јадра со работна фреквенција 2,23GHz и максимална фреквенција 2,52GHz; 1,321 Tensor-TFLOPs; 191 RT-TFLOPs; и 83 Shader-TFLOPs. Картичката доаѓа со 24 GB GDDR6X меморија, и е 2 до 4 пати побрза од RTX 3090 Ti, што навистина е импресивно.

RTX 4080 ќе доаѓа во два модели модел со 12 GB GDDR6X и модел со 16 GB GDDR6X меморија. Разликата не е само во количеството на меморија кај картичките. Поскапиот модел со 16 GB меморија чини 1200 долари, доаѓа со 9728 CUDA-јадра со работна фреквенција од 2,21GHz и максимална фреквенција до 2,51GHz; 780 Tensor-TFLOPs; 113 RT-TFLOPs; и 49 Shader-TFLOPs.

Моделот со 12GB меморија чини 900 долари доаѓа со 7680 CUDA-јадра со работна фреквенција 2,31GHz до максимални 2,61GHz; 639 Tensor-TFLOPs; 92 RT-TFLOPs; и 40 Shader-TFLOPs.

Ова е цена на Founders Edition на графичките картички, за картичките од партнерите производители ќе мора да почекаме.

EVGA се повлекува од производството на графички картички

Без разлика  кога ќе излезат новите картички на партнерите на Nvidia, веќе е извесно дека EVGA нема да биде дел од производителите кои ќе ги издава. Компанијата минатата недела објави дека го прекинува долгогодишното партнерство со Nvidia. Nvidia и EVGA имаа партнерство последните 20 години, но сега е прекинато поради како што вели EVGA „Nvidia е партнер тиранин“.

Најголем дел од заработката на EVGA, дури 80 отсто, доаѓа од продажбата на графички картички, Компанијата е ексклузивен производител на Nvidia и не произведувала други картички од 1999 година, кога го започнале партнерството.

EVGA секако ќе биде погодена од завршувањето на партнерството, но ниту Nvidia нема да остане недопрена. Дури 40 проценти од Nvidia графичките картички продадени во Северна Америка се произведени од EVGA. Најголем дел од купувачите кога нема да најдат EVGA ќе побараат друг производител.

Истовремено крајот на партнерството со Nvidia е крај за производството на графички картички за EVGA. Производителот ќе продолжи да продава напојувања, матични плочи, кулери, и слично, но повеќе нема да произведува графички картички…

Проблеми со камерата на iPhone 14 Pro ќе бидат надминати наскоро

Во најавата за новиот iPhone 14 Pro Apple се пофали дека ова е најдобрата камера во нивниот телефон досега. За жал апликациите на Snapchat, Instagram и TikTok не функционираат со камерата. Корисниците јавуваат дека кога се обидуваат да фотографираат слушаат зуење од камерата и има тресење на сликата.

Apple потврди дека е свесен за проблемот и вети дека ќе има софтверска надградба за надминување на проблемот следната недела.

Досега нема објаснување што го причинува чудниот ефект, но овојпат камерата доаѓа со сензорска стабилизација на слика, па неприлагоденоста со апликациите може да еден од проблемите.

Sony PS VR2 нема да ги поддржува PS VR игрите

Новиот сет за виртуелна реалност од Sony кој ќе излезе следната година нема да ги поддржува PS VR игрите од претходната генерација. Ова за жал ќе значи дека и онака малиот број игри за виртуелна реалност ќе биде и помал.

Од Sony велат дека причината поради која нема поддршка за овие игри е што новиот сет е дизајниран следната генерација на виртуелна реалност. PS VR2 има inside-out следење, следење на очите, 3Д аудио, хаптик контролер и прилагодливи копчиња. Актуелните игри немаат поддршка за овие функционалности.

Некои од девелоперите најавија дека работат на прилагодување на своите игри. За жал веројатно поголем дел од игрите ќе останат заборавени.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk