Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.
Секој визуелен елемент кој е дел од нашиот дизајн може да се толкува поинаку, да се интерпретира со друго значење или симболика. Ова покажува дека сите облици имаат свое значење. Така, испрекинатата линија е различна од заоблената крива, слично на квадратите кои се различни од круговите. Но, она што е важно за нас е разбирањето на потребата формите да ја задржат функционалната природа, да комуницираат и да ја пренесат вистинската порака. Оттука, изборот на вистинската форма е исто како и потребата да направите совршена реченица за она што сакате да го кажете.
Теоретски, формите ги категоризираме во три различни сегменти: геометриски, природни и апстрактни.
Најосновни форми се геометриските. За овие форми не е потребно премногу објаснување, поради нивната едноставност. Во нив спаѓаат круговите, квадратите, триаголниците, стрелките и слично. Кога би побарале од луѓето да замислат облик, обично ова се формите што ги гледаат во прв план. Ова се должи на нивната едноставна природа, или на најмалиот фундаментален дел од кој е изградено сè. Користењето на овие форми во вашиот дизајн може да помогне во зајакнувањето на структурата, организацијата и ефикасноста. Многумина велат дека тие можат да бидат неинспиративни, но постојат многу движења во графичкиот дизајн кои ги користат токму едноставните форми како нивна главна цел, на пример Швајцарските дизајн шеми или Шведскиот минимализам.
Категоријата на природните и органските форми пак, се карактеризира по нивната естетика и изглед, односно по нивната визуелна природа која не е правилно обликувана. Кај нив недостасува симетријата за разлика од геометриските форми и тие често имаат нееднакви облици со многу криви.
Сепак, истите се доволно моќни да предизвикаат спокој и мир, кој пред сè се должи на нивната застапеност во природата, карпите, лисјата, дрвјата итн. Како најчест медиум преку кој се прикажуваат овие форми се фотографиите. И покрај тоа, треба да се има во превид дека прекумерната употреба на овие форми може да даде чувство на пренатрупаност, па оттука постигнувањето на разумен еквилибриум во графичките интерпретации е клучно за пренесување на вистинската порака.
Последниот сегмент се апстрактните форми. Истите најчесто ги препознаваме во комбинација со типографски знаци и други фигури, креирани од слободната имагинација и потреба.
Употребата на било која форма бара исклучителна претпазливост, поради нивното значење кое честопати твори различна порака во различни делови од светот. И покрај тоа, во пракса се чини дека голем дел од истите се доста универзални, факт што дава слобода во широката примена и употреба на истите.
Така, круговите се без завршетоци и во многу култури тие се толкуваат како знаци за бескрајност. Тие истовремено претставуваат и слобода на движење, а поради ова честопати се поврзуваат со заедницата, совршенство и комплетноста.
Правоаголниците и квадратите пак, се постабилни форми. Тие не можат лесно да се преместат, а како најчеста порака ја симболизираат безбедноста. За нив, е карактеристична широката употреба, од облиците на копчињата на нашите компјутери, до димензиите на екраните, банерите или рекламите.
Доколку пак се анализираат триаголниците, со сигурност првата асоцијација за нив ќе биде стабилноста. Истовремено, како форма истите имплицираат на одредена насока бидејќи во нивната најосновна форма се карактеризираат како стрелки и укажуваат на движење. Во западните општества, бројот три е најчесто користен, и поради тоа тие често се поврзуваат со религијата, мистичноста и другите духовни концепти.
Но, покрај фундаменталното значење на обликот на формите, истите можат да се карактеризираат и како позитивни или негативни, во зависност од тоа дали се поставени како позадина или се комуницираат во преден план. Она на кое треба да обрнете посебно внимание е тоа кои форми ги користите во вашиот негативен простор. Иако крајните корисници во најголем дел не се свесни за истото, овој практичен факт секогаш добива најголема внимателност и акцент при употребата на формите во графичките решенија.
Широката употреба на формите е забележлива и потекнува од потребата да се покаже нашата визија и јасна порака. Она што е важно е тоа што мораме да ги користиме на вистински начин. Во последниве години има силно движење за употреба на едноставни позадини и поради таа причина се препорачува да не се користат премногу форми. Така, ако се обидувате да го оптимизирате вашиот дизајн на начин што сакате да постигнете голема инволвираност на крајните потрошувачи во интерпретацијата на пораката, тогаш со сигурност е најдобро да ја избегнувате употребата на форми кои би го дефокусирале вниманието од вистинскиот таргет и комуникациска вредност.