Порано луѓето се собираа околу радиото или телевизорот за да ги слушнат последните случувања, купуваа весници кои пренесуваа вчерашни вести, а магазините генерирале оригинална содржина со различни прегледи. Ден Гилмор во својата книга We the Media објавена во 2004 година, објаснува каква била ситуацијата на граѓанското новинарство, како тој почнал да се занимава со новинарство и како платформите преку кои се ширел активизмот се менувале со развојот на Интернетот. Почнувајќи од 1990-тите, технологијата допре до речиси секој дел од нашиот живот. Интернетот го промени начинот на кој ние комуницираме, се поврзуваме и го доживуваме светот околу нас. Додека на некои Интернетот им служи за да се социјализираат на Facebook и секојдневно да разменуваат статуси и лајкови со своите пријатели, исто така, тој стана главна сила во нашето општество за социјални промени и активизам.
Интернетот е благослов за сите што сакаат да го искажат своето задоволство или незадоволство. Со создавањето на Интернетот целата комуникација доби нова димензија, доби медиум преку кој се одвива комуникација „многу-до-многу“ и секој поединец својот статус на Facebook, твит или блог ги споделува со целиот свет. Новите медиуми ни овозможуваат брзо испраќање на новости и информирање на јавноста, а добар пример за тоа се „Арапската пролет“ и „Окупирај го Волстрит“. Новинарството игра важна улога во општеството и весниците го градат јавното мислење уште од самиот почеток. Уште пред појавувањето на Интернетот некои новинари се обидувале да дознаат нешто повеќе, да истражат и помогнале во создавањето на прогресивна ера и ги поставиле темилите на новинарското истражување. Сега со Интернетот, таа задача ја имаат граѓаните.
[youtube]http://www.youtube.com/watch?v=kY-l9UQpf0Y[/youtube]
Првиот знак на граѓанското новинарство се појави на 11 септември, 2001 година, денот кога се случија терористичките напади во САД. Тој ден блогерите од Њуjорк и регионот ги споделуваа своите мислења и погледи за тоа што се случило, споделуваа фотографии и редовно ажурираа блогови за тоа што се случувало на теренот, додека огромен дел од луѓето чекале CNN да го покаже уривањето на кулите близначки. Алатките за утрешното учество во новинарството се развиваат многу брзо, а за да ја разбереме еволуцијата на создавањето на вестите, најпрво мораме да ги разбереме технологиите што го овозможуваат тоа. За луѓето што сакаат да бидат подобро информирани, Интернетот е единствено место за тоа. Интернетот е тука за сите што
сакаат да се информираат, но и за тие што сакаат да создаваат. Денес постојат голем број алатки кои на луѓето им овозможуваат да се вклучат во граѓанското новинарство, а едни и најбрзи се токму друштвените мрежи и блоговите; сите овие алатки овозможуваат брзо споделување и ажурирање на содржината. Но, развојот на граѓанското новинарство на Интернет почна преку мејлинг-листите и форумите.
Пред блоговите и друштвените мрежи да станат популарни, најголем дел од содржината се споделувала на мејлинг листата Interesting People на професорот Дејвид Фејбер, која денес брои преку 25.000 претплатници. Мејлинг листите се разликуваат во три работи од блоговите: мејлинг листата претставува заедница чии членови се претплатниците на таа листа, а истата може да биде и приватна, второ, – секоја листа може да биде наменета за различна тема, односно да таргетира претплатници од различни области, и трето – „вестите“ се добиваат во поштенските сандачиња, наместо да се објавуваат како написи на блог. Исто така, мејлинг листите може да бидат модерирани, и најчесто на нив се присутни експерти за одредената област. Конечно, мејлинг листите и форумите може само да го засилат новинарството и може да послужат како заднинска приказна.
За разлика од мејлинг листите, блоговите се попристапен начин за луѓето да водат сопствени дневници, да објавуваат статии, а притоа истите лесно да може да ги прегледуваат во хронолошки редослед или според одредена категорија. Блоговите овозможуваат и коментирање, па така читателите лесно може да се вклучат во дискусијата. Сопствениците на блогови лесно може да ја зајакнат својата содржина со аудио-визуелни елементи, што не е случај кај печатените медиуми и магазини. Едни од популарните софтвери за блогирање се Blogger и WordPress.
Надоврзување на сите сервиси што овозможуваат споделување на содржина во кој било формат се и паметните мобилни телефони и таблет компјутери кои денес се сè повеќе присутни. Благодарение на мобилните камери, денес секој може да направи фотографија од некој настан и брзо да ја сподели на својот блог или профил на друштвените мрежи. Денес благодарение на овие технологии, консументите многу побрзо ги добиваат вестите од обичните граѓани, отколку од традиционалните медиуми.
… утре продолжуваме со дел 2 за Граѓанско новинарство и активизам на Интернет.