Google во една недела претстави нов оддел за приватност, нов шеф на одделот и предлог за законска рамка во која ќе обезбеди минимални потребни услови. К0мпанијата сите работи ги најави пред сослушувањето во Сенатот на САД, јави Bloomberg.
Со новиот оддел за приватност во компанијата ќе раководи досегашниот адвокат Кит Енрајт. Со ова г. Енрајт е унапреден од адвокат на компанијата во главен стратег за прашања за приватност. Целта на одделот ќе биде да им помогне на корисниците да ги имаат сите придобивки на технологијата, без да се грижат за својата приватност.
„Сега повеќе од било кога претходно постои моментум за развој на основни правила за заштита на податоците. Google го поздравува ова и ја поддржува основна регулација на приватноста. Луѓето заслужуваат комфор знаејќи дека сите компании кои користат лични податоци ќе бидат одговорни ако не ги заштитат. Веруваме дека со регулација може да се поддржи динамички пазар за бизнис од различен тип и големина“, вели г. Енрајт.
Компанијата смета дека луѓето имаат право на пристап до своите податоци кои се чуваат онлајн, и мора да постои некој начин со кој ќе можат да ги променат или избришат овие податоци.
Компаниите кои прибираат податоци од своите корисници мора да ги преземат сите потребни мерки за заштита на истите. Без разлика дали ќе станува збор за: злоупотреба, неавторизиран пристап, промена или уништување на податоците. Дополнително, сите компании кои споделуваат податоци со други (пример плаќање или достава) мора да исполнуваат минимум стандарди за транспарентност, контрола и пристап.
Рамката која ја предлага Google е јавно достапна и може да ја разгледате тука.