По една година пауза поради пандемијата Ковид-19, Google I/O повторно се одржува. Конференцијата минатата година заедно со куп други беше дел од настаните кои се откажаа, но сега откако состојбата е колку-толку нормализирана настанот може да продолжи. Очекувано Google I/O е без публика која во живо може да ги следи презентациите, но може да се следи преку стрим.
Google I/O се одржува од 18 до 20 мај, а првиот ден е „резервиран“ за претставувања на новости во Android, Google Play и Web-платформата.
Android 12
Без разлика што имаше куп различни презентации пред најавата за новиот оперативен систем, главна „ѕвезда“ на I/О е Android 12. Нивото на прилагодување и персонализација на оперативниот систем е најголемо досега и ќе има куп автоматизирани начини за персонализација. На пример, при поставување на слика како позадина на екранот, оперативниот систем автоматски ќе ја анализира сликата и ќе креира соодветна палета за иконите.
Дел од фокусот e на приватноста на корисниците, а тоа ќе биде овозможено преку новиот центар за приватност во кои се сместени овие функционалности.
Бета верзијата на оперативниот систем е достапна од денес на повеќе различни уреди од 11 производители.
Кога оперативните системи се во прашање новата верзија на Wear OS и Tizen сега се комбинирани во една платформа. Развојниот тим од Google и развојниот тим од Samsung ќе работат на една платформа која ќе доаѓа со името Wear.
Google Maps
Google престави неколку интересни и корисни надградби на Google Maps. Покрај додадените 150 километри велосипедски патеки, компанијата претстави и неколку нови начини за избор на рута за патување. Со помош на вештачката интелигенција мапите сега предлагаат еколошки и безбедни рути.
Вештачката интелигенција прибира и обработува информации за состојбата на патот и ги предлага на корисниците кои бараат како да стасаат од еден до друг дел на градот. Врз основа на податоците за потенцијалното загадување или можните опасности при возењето, апликацијата ги предлага патеките.
Natural Language Processing
Вештачката интелигенција е клуч за подобро пребарување. Ова главно се однесува на преведувањето и препознавањето на содржините на сликите. Новите напредоци на технологијата треба да придонесат за полесно пребарување на јазикот на кој корисникот е најкомотен, а со тоа и да му бидат покажани релевантни информации.
Сепак дополнителен напредок е направен со препознавање на контекстот на говорниот јазик. LaMDA е новата надградба на „Natural Language Processing“ која овозможува и уште подобро препознавање и креирање на реченици кои наликуваат на говор помеѓу луѓе.
LaMDA може да препознае контекст и да пронајде различни врски помеѓу информации. Дополнително може да креира разговор со отворен крај кој потсетува на разговор помеѓу луѓе. Во примерите можевме да слушнеме како планетата Плутон и авион од хартија раскажуваат интересни приказни за себе. Начинот на кој се креирани одговорите е импресивен, но засега технологијата е во тест фаза, па има и неочекувани проблеми.
Целта на новата технологија е да ги направи информациите значително подостапни и поквалитетни. Технологијата ќе биде достапна во Google Assistant, Search и Workspace, а Google работи и на начини да овозможи пристап до LaMDA за девелоперите.
TPU V4
Google ја претстави и надградбата на TPU (Tensor Processing Unit) v3 процесорите, новата v4 верзија. Компанијата најави дека новите процесори се двапати побрзи. Еден TPU v4 Pod има 4096 чипови, и перформанси од 1 EFLOPS. Перформансите на новите чипови ќе им бидат достапни на корисниците на Google Cloud оваа година.
Една од најинтересните презентации на овој Google I/O е посетата од Quantum AI Campus. Без премногу сериозни детали и помалку шеговита, сепак ова е првпат компанијата да ни ја покаже оваа лабораторија и квантни компјутери на I/O. Веројатно причината за овој начин на презентирање е што истражувањето и развојот во оваа лабораторија се во почетна фаза, а и самиот начин на работа на квантните компјутери е тежок да се објасни во десетина минути.
Поголема приватност
Фокус на конференцијата оваа година е зголемената приватност и безбедност на Google. Иднината на лозинките во Google е со замена на лозинките со телефони, но пред ова да стане реалност, Google ќе продолжи да работи на Password Manager. На овој настан можевме да видиме 4 нови подобрување кои ќе го направат менаџерот за лозинки на Google покорисен.
Password Manager сега може да импортира кориснички имиња и лозинки од други слични сервиси; лозинките лесно се префрлаат од веб-страници на Android апликации; известувањето за пробивање на лозинки веднаш го известува корисникот ако лозинките се дел од некоја позната листа на пробиени лозинки. Последната надградба ќе овозможи брза, едноставна и речиси автоматизирана промена на овие лозинки.
Google I/O најави и поголема приватност за корисниците на нивните сервиси. Една од технологиите кои овозможуваат заработка од податоците на корисниците без опасности за идентификација на корисниците е Differential Privacy. Оваа технологија овозможува креирање на големи агрегирани сетови од податоци во кои поединечните корисници никако не може да се идентификуваат.
За зголемување на контролата која корисниците ја имаат врз податоците, Google додаде, или барем префрли, дел од функционалностите. На пример, директно во опциите на профилот е додадена нова функционалност која на корисникот му овозможува да ги отстрани пребарувањата од последните 15 минути. Можноста за отстранување на следењето на локациите е префрлена директно на мапата и лесно се забележува и исклучува. Google Photos ќе додаде функционалност за приватни фотографии, па сликите споделени во овој заклучен простор нема да бидат споделени со други сервиси и апликации.
Пребарувач
Сепак, кога ќе го споменеме Google најчесто мислиме на пребарувачот. Она што ќе го овозможи новата технологија е поставување на многу покомплексни прашања. Примерот кој беше искористен беше „Минатата година се качив на планината Адамс, а следната есен сакам да се качам на Фиџи, што треба да направам поинаку за да се подготвам?“.
Од прашањето „пребарувачот“ разбира дека Адамс и Фиџи се планини, а од „подготвам“ разбира дека прашањето се однесува на потребна опрема, но и на различна физичка подготовка. Дополнително во одговорот ќе биде вклучена и информација за временските услови во есен. Како интересен дел од примерот беше одделено прашање „можам ли со овие чизми да се качам на Фиџи“, а дел од прашањето е и фотографија на чизмите. Технологијата ги препознава сликата и прашањето, и дава одговор. Одговорот на поставеното прашање покрај податоци ќе вклучува и различна мултимедијална содржина и преводи од текстови на релевантни текстови.
Интересните функционалности доаѓаат во проширената реалност. Покрај различни интересни 3Д-модели кои може да се користат за едукација, на екранот на телефонот ќе се појавуваат и релевантни податоци за локацијата. На пример покрај стрелки за пронаоѓање на некој локација, на екранот има и податоци за објектите кои не опкружуваат, од ресторани и кафулиња, до излези на аеродроми и железнички станици. Мапите имаат и сериозна надградба на детали кои ги прикажуваат. Семафорите и пешачките премини се директно нацртани на мапата, но за жал ова засега е за ограничен дел од градовите.
Од апликациите кои ќе ги користиме секојдневно, импресивно изгледа надградбата на Google Photos која со помош на вештачка интелигенција ни овозможува креирање на мини анимирани слики. Од неколку слични слики, вештачката интелигенција може и креира анимирана слика, што е супер спомен за иднина, секако далеку поинтересен од обична фотографија.
Покрај овие, Google претстави и куп други супер интересни функционалности за кои ќе пишуваме наскоро.
[…] post Google претстави куп т… appeared first on […]