Европското право „да бидеш заборавен“ се чини дека е далеку од совршено право. Британскиот весник Guardian неодамна доби известување дека шест линкови до нивни текстови се отстранети од резултатите на Google, кој е под притисок на Европскиот суд да ја испочитува приватноста на корисниците.
Според одлуката која ја донесе Европскиот суд за правда, секој во Европа може да побара да биде избришан од резултатите на пребарувањата. Така резултатите од пребарувањата за судијата во Шкотската премиер лига, Даги Мекдоналд, чии контраверзни одлуки доведоа до негово предвремено повлекување, повеќе не можат да бидат пронајдени на Google.co.uk. Без никакво објаснување е отстранета и веста за француски работници кои ги украсуваат своите прозорци со Post-it и статија за Пол Баксендејл-Вокер кој, иако со пресуда за измама, се кандидираше за претставник во адвокатската комора.
„Може да има случаи за кои приказните треба да исчезнат од архивите: на пример доколку некој кој направил ситен криминал на 18 години, а оттогаш е реформиран? Што ако некој пребарувањето го спречува да пронајде работа, може ли во овој случај да се избрише нивното досие? Можеби – тоа сепак е отворено за дебата. Но овие одлуки треба да бидат донесени од издавачите, не од Google“, вели Guardian.
Интересно, споменатите линкови на Guardian се отстранети и од македонската верзија Google.mk. За да ги пронајдете сите резултати можете да ја користите Google.com или некој друг пребарувач како DuckDuckGо или Bing.







