Google работи на нов подобрен кориснички интерфејс на нивниот најдобар производ, Gmail. Демонстрацијата на новиот интерефејс беше по грешка закачена на YouTube, и сега е веќе тргната. Станува збор за HTML5 трансформација, каде ќе има нови начини како да го подесите вашиот Gmail според вашите потреби.
Во август, Google ја претстави опцијата Preview Pane, која овозможува да се прегледуваат пораките во вашиот инбокс. Со најавената трансформација, Google продолжува да го подобрува Gmail, правејќи го колку што може почист, поедноставен и поинтуитивен. Во видеото се најавува дека интерфејсот сега автоматски ќе се подесува на секој екран без разлика на големината. Корисниците ќе можат да ја подесуваат големината на полето за чет и лејбели, да ја подесат густината на полето за пораки, па дури и да ги подесат филтрите за пребарување, за да им се овозможи на корисниците побрзо да го најдат тоа што го бараат.
Во новиот интерфејс ќе бидат вклучени неколку теми со висока резолуција за поубав изглед. За подобра читливост, имејл пораките сега повеќе изгледаат како Google+ разговори, и ќе вклучуваат фотографии од оние кои ги испраќаат.
Покрај подобрувањето на Gmail, Google исто така планира големи промени и за Google Reader. Google планира да го редизајнира Google Reader, по теркот на сите Google производи, со цел да го донесе поблиску до Google+. Во најавените промени стои дека сите опции за споделување ќе бидат тргнати, и доколку корисниците сакаат да споделат нешто, ќе мора тоа да го сторат преку соодветните Google+ алатки.