Google најавува дека ќе го ограничи пристапот до некои надградби и функционалности за дел од телефоните на Huawei. Засега не е во целост познато за кои надградби и функционалности станува збор, но ова може да биде сериозен удар за Huawei, кој во моментов е втор најголем производител на паметни телефони.
Ограничувањата доаѓаат откако администрацијата на САД, ја додаде Huawei на листата на компании со кои трговијата е дозволена единствено со лиценца. Google во соопштението објави дека „ја почитува одредбата и ги разгледува последиците“.
Што се однесува до корисниците, за нив ова секако е лоша вест. Постоечките корисници на Huawei телефони ќе можат да ги надградуваат апликациите и безбедносните закрпи, но со следните телефони ова нема да биде случај. Идните уреди можеби ќе доаѓаат без апликациите на Google, како YouTube и Google Maps. Веројатно најголем удар за Huawei би бил доколку на листата се најде и Google Play, што значително ќе го ограничи интересот за нивните уреди. Засега од Android одделот уверуваат дека Google Play и Google Play Protect остануваат достапни, но во текстот стои за „постоечките“ уреди. Ако ова не е пропуст, може да има посериозна штета за Huawei.
„Во врска со прашањата како ќе одговориме на најновата акција на американската влада: Ве уверуваме дека додека ги почитуваме барањата на американската државна администрација, услугите како што се Google Play и Google Play Protect ќе продолжат да работат на постоечките Huawei уреди.“
Дополнително и следната верзија на Android оперативниот систем можеби нема да биде достапна на Huawei. Huawei секако ќе може да продолжи да ја користи верзијата на Android со отворен код.
По најавата за ограничувањето на Android за Huawei, со соопштение излезе и компанијата.
„Huawei направи значителен придонес во развојот и ширеањето на Андроид низ целиот свет. Како еден од клучните глобални партнери на Андроид, тесно соработуваме со платформата со отворен код, развивајќи го екосистемот во корист на потрошувачите и на целата индустрија.
Huawei ќе продолжи да ги обезбедува најновите надградби и услуги-по-продажба за сите Huawei и Honor телефони и таблет компјутери на пазарот; вклучувајќи ги уредите што се веќе се купени но исто така и оние кои сè уште се достапни во продажба на глобалните пазари.
Продолжуваме да градиме сигурен и одржлив софтверски екосистем, со цел да им го овозможи најдоброто искуство на потрошувачите и нашите клиенти ширум светот“, велат од Huawei.
За жал Huawei e жртва на трговската војна помеѓу САД и Кина. Тешко е да се очекува дека ќе има решение за санкциите за Huawei, пред да биде изнајдено решение за спорот помеѓу САД и Кина. Производителот работи и на сопствен оперативен систем, апликации и сервиси. Компанијата работи на алтернатива за Android од 2012 и планот „B“ веќе постои, пренесе Verge. Дали и колку ќе биде добар, но и популарен новиот оперативен систем веројатно ќе дознаеме наскоро.
Ова секако е голем удар за Huawei, но и за Android. Huawei е на второ место по производството на паметни телефони, а компанијата е и втор најголем производител на Android уреди. Пред компанијата е единствено Samsung, а Huawei произведува повеќе паметни телефони од Apple.