Пред пет години Google за прв пат го претстави Project Glass. Неколку години подоцна се појавуваат првите навистина корисни Glass очила. По повеќегодишни тестови, компанијата е подготвена да ги претстави Glass 2.0, наменети за зголемување на продуктивноста.
Очилата за проширена реалност ветуваа многу, но беа прескапи и испорачаа малку. Ентузијастите кои ја купија првата „Explorer“ верзија на очилата, со нив може да направат малку. По првиот бум, интересот за очилата за проширена реалност се намали. Вестите за Glass беа сè помалку и помалку, за на крај да се изненадиме дека проектот сè уште постои. Најголемиот проблем на првите очила за проширена реалност не беа забраните за користење во објекти, па ниту куповите багови. Проблемот беше во недостигот од вистински потребна функционалност.
Изгледа дека по неколку години Google успеа да пронајде ваква функциoналност и тогаш ги видовме првите примери каде очилата навистина помагаа. Кај полицијата, пожарникарите, или во болниците, Glass овозможува повеќе податоци кои можат многу да помогнат. Така можевме да видиме како лекар оди да ги посети пациентите, а здравствениот картон му излегува директно пред очи. Полицијата и против-пожарните служби може да ги добијат плановите на зградите и да ги имаат постојано пред себе додека работат.
Нов Google Glass со јасно зацртана примена
Google потроши неколку години, но добра вест е дека проектот не е мртов. По неколку години тишина Google го претставува следното поглавје на проширената реалност Glass 2.0 или Glass Enterprise Edition. Очилата две години беа во развојна фаза, но сега се подготвени за поширока примена.
Ако првите очила немаа јасна целна група и беа наменти за сите, овој пат тоа не е случај и очилата сега доаѓаат главно за компании кои имаат посложен производствен процес. Дури и идејата за очилата произлезе од производствениот процес на GE Aviation, во кој се произведуваат и сервисираат авионски мотори.
„Одржувањето на авиони е комплексна и специјализирана задача, сите грешки водат до скапи одолговлекувања и повторување на целиот процес. Механичарите се движат внимателно, ги оставаат алатите и се качуваат и спуштаат по скали за да ја консултираат документацијата“, објасни Google на својот блог.
Денес механичарите ја заменија целата документација со апликација и пар Glass 2.0 очила.

Image courtesy of Google
Над 50 компании го користат Glass Enterprise Edition. Помеѓу партнерите на Google се: AGCO, DHL, Dignity Health, NSF International, Sutter Health,The Boeing Company и Volkswagen.
Дизајнот на Google Glass и не е премногу, ако воопшто е променет. Очилата се лесен преносен компјутер со малечок транспарентен дисплеј. Ова овозможува спојување на околината и прикажување на податоците директно во видното поле на корисникот.
Вака работата во повеќе индустрии е поедноставна. Во производството, работниците можат едноставно да продолжат да склопуваат или да сервисираат машини и апарати и постојано да го имаат упатството пред себе. Користењето на Google Glass во компанијата AGCO го скуси времето на производство за 25%, а времето на инспекција за дури 30%.
Магацините на DHL се друго место каде користењето на Glass ја зголеми ефикасноста, овде за 15%. Работниците на екранот на Google Glass во реално време добиваат податоци за тоа каде треба да бидат доставени пакетите.
Лекарите во клиниките на Dignity Health кои го користат уредот, трошат 33% помалку време на административни работи. Не станува збор единствено за пронаоѓање и носење на медицинските картони. Апликацијaта на Augmedix за автоматско креирање на медицинските картони, ги прави внесените податоци покомплетни и подетални. Ова на докторката Давин Ландкуист и овозможи да прима 31% повеќе пациенти во текот на денот.
По сите овие примери, се чини дека не е проблемот во хардверската дивизија на Google X (денес X-company). Напротив, хардверски уредот е многу малку променет, но вистинската промена сега доаѓа во апликациите. Девелоперите креираа куп апликации кои пред неколку години не постоеа. Неколку години подоцна Google конечно има корисен уред, кој е поинтересен за сите.
Сето ова потрошено време сепак ќе го чини Google
Пред неколку години Google беше единствената поголема компанија која работеше на очила за проширена реалност. Компанијата не успеа да ја искористи предноста кога немаа конкуренција, па сега ќе мора да се натпреваруваат со Microsoft, па дури и со Apple, Facebook и Samsung кои имаат свои идеи за проширената реалност.
Microsoft со HoloLens се чини дека е директна конкуренција за оваа идеја на Google. Очилата за проширена реалност на Microsoft од првиот ден започнаа како додаток за продуктивност. Целата останата функционалност како видео игрите или огромниот виртуелен телевизор се единствено забавен додаток.