Google Cardboard: Виртуелна реалност на вашиот телефон за само 150 денари

(Oва е гостински пост од Андреј Шевченко, кој работи како маркетинг експерт во софтверска компанија во Варшава, и е во постојана потрага по интересни гаџети)

Виртуелната реалност забележа голем интерес изминативе години, особено со појавувањето на Oculus Rift кој моментално е дел од Facebook. Покрај Oculus, свои производи за виртуелна реалност денес развиваат Samsung (Gear VR), Sony (Project Morpheus) и многу други.

За жал, за користење на апликациите за оваа нова платформа потребен е специјализиран и скап хардвер. Сепак, за помалку од 150 денари благодарение на Google сега и вие може да го искусите светот на виртуелната реалност!

На последниот Google I/O настан компанијата го претстави Cardboard – едноставен „Направи сам” проект преку кој со помош на картон, леќи, магнет и ластик може да добиете свој личен “Oculus”. Cardboard не е официјален продукт на Google, туку креација на двајца инженери направена во нивното слободно време. Бидејќи не постојат официјални произведувачи, секој може да си креира свој сет. Доколку не сакате да сечете картони и да барате леќи, можете да го купите на eBay или AliExpress. Ќе најдете неколку модели кои вклучуваат ластик за врзување на глава, како и NFC чип.

Како работи Google Cardboard?

За да влезете во светот на виртуелната реалност потребно е да имате паметен телефон со големина од 4 до 6 инчи и Аndroid 4.1 или понова верзија. Идеално би било телефонот да поддржува и NFC со што автоматски се лансира Cardboard апликацијата за Android. Преку апликација, леќите ќе ви овозможат да ја согледате стереоскопската содржина како единствено тридимензионално искуство. Навигацијата се врши со притискање на страничниот магнет, при што магнетометарот на смартфонот ги забележува промените во магнетното поле. Ако носите очила, потсечете ги страничните делови на картонот за да имате покомотен поглед.

Апликации и игри за Google Cardboard

Апликациите кои досега се креирани за Cardboard се благо кажано експериментални. Најдобрата локација каде може да ја започнете вашата потрага по 3Д забава е оваа листа од Google со апликации за Cardboard. AndroidVR на Reddit е исто така добро место за откривање апликации. Cardboard е достапен и за iPhone со неколку интересни игри, но главно забавата е на Android. Во трка да го импресионираат пазарот и брендовите се вклучуваат во промоцијата на евтиниот картонски сет од Google. Volvo веќе објави виртуелна апликација, преку која сите заинтересирани можат да го “пробаат” нивниот најнов автомобил.

Android контролер за двојно повеќе забава

За оние кои саакат да играат со контролер, моделот idroin:con се поврзува со речиси сите паметни телефони кои имаат Bluetooth. Дополнително, со помош на апликацијата USB BT Joystick Center 2015 можете било кој контролер да го поврзете со вашиот Android уред. Викендов тестирав неколку игри со OUYA контролер кој го поврзав преку Bluetooth со мојот Nexus 5. Со помош на контролерот се движев низ ходниците на Halls of Fear VR – Demo во потрага по виртуелни коцки. Се работи за едноставна игра, која е основа да ги замислите игрите со подобра графика и гејминг во блиска иднина.

Гледајте филмови во 3Д

Со Cardboard, освен што можете да одите на виртуелни прошетки или да летате со симулатори, може и да гледате 3Д филмови. Најинтересно за мене беше што ги гледав моите лични видеа во 3Д. За да ги погледнете вашите видеа во 3Д симнете ја VR Cinema. Повеќе опции за вашето ВР кино ќе добиете со MO3D. Преку неа има можост и да вклучите превод за филмот.

Одличен подарок за најблиските

Во јануари имав можност да го тестирам Google Glass, очила кои прикажуваат податоци пред лицето на корисникот. Додека Glass нема јасна иднина и може да ја доживее судбината на Segway, сетовите за виртуелна реалност се пред нашите врати. Cardboard е проект на ВР ентузијасти, па се надевам ќе му дадете шанса. Игрите и апликациите не се којзнае колку квалитетни, но оваа виртуелна платформа има потенцијал – пред сѐ поради тоа што е евтина и достапна на скоро секој паметен телефон.

По неколкудневно користење, можам да кажам дека Google Cardboard e најдобрата играчка која може да ја купите за 150 денари. Неколку сетови се веќе на пат кон моите пријатели, па ако сакате да израдувате некого за Нова Година ова е вистинскиот подарок!

Кои се вашите омилени апликации и игри за Google Cardboard?

Останува да го тестирате Cardboard, да се забавувате и да ги впишете вашите омилени апликации во коментарите. Со нетрпение очекувам да пробам нешто ново!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
3 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] објави нова апликација која служи како додаток за Google Cardboard, малиот картон кој го претвара вашиот телефон во уред […]

Хикс
Хикс
10 years ago

Навистина интересно! Дали ова може да се користи и со iPhone?

Dimitar
Dimitar
10 years ago

kade vo Skopje da se kupat lekite za ova ??