3 инди игри: Sky of Destruction, Stone Simulator и Battle of Rebels

Во оваа прилика би сакале да ве запознаеме со три инди игри кои би можеле да го заслужат вашето внимание. Едната од игрите поодамна излезе за PC, но по првтат неодамна се појави на конзолите, додека една друга е толку нова да сеуште не е излезена.

Sky of Destruction: Експлозивна, но кратка акција од независен тим

Sky of Destruction е акциона игра со пукање од птичја перспектива, создадена од мал, но амбициозен тим од само двајца програмери. Играта ве става во улога на командант на борбена флота, каде што вашата главна задача е да сеете уништување од небото, соочувајќи се со надмоќен непријател. Концептот е фокусиран на брза акција, стратегија и спектакуларни експлозии.

Играта неодамна излезе за конзолите на Sony и Microsoft

Пред започнување на мисијата, имате стратешки избор да составите ваша борбена флота од три различни летала. Она што ја прави играта интересна е можноста за менување на авионите во текот на битката, што овозможува тактичка флексибилност. Ако вашето летало биде погодено, мисијата не завршува, туку борбата продолжува со преостанатите летала од вашата ескадрила, под услов да го штитите вашиот главен носач на авиони.

Вашата примарна цел е да ги уништите клучните непријателски цели, како што се носачи на авиони или важни згради, пробивајќи се низ густите редови на непријателската воздушна армада. Успешното завршување на мисијата ве наградува со предмети со кои можете да ги надградувате перформансите на вашите авиони. Секое летало има свој уникатен инвентар, па поставувањето на предметите на најефикасен начин е клучно за успех.

Sky of Destruction нуди интересен концепт, особено со механиката на управување со флота наместо со едно летало. Играта има измешани рецензии на Steam, првенствено затоа што има недостаток на содржина и повторливост, нешто што е најочигледно од имањето само една достапна мапа. Сепак, за краткото време, играта доби неколку ажурирања кои додадоа нови елементи и направија значителни промени, што покажува дека тимот е посветен на нејзино подобрување.

Stone Simulator – Just Be a Rock: игра во која „играте“ како камен

Живот како камен мора да е живот полн со блаженство. STFGames мора да го знаеле ова затоа што Stone Simulator – Just Be a Rock е уникатна медитативна и релаксирачка игра која ви овозможува да го доживеете токму тоа – постоењето како неподвижен камен. Во оваа игра, вашата цел не е да победувате или да освојувате, туку едноставно да постоите и да бидете сведок на светот што се менува околу вас низ бескрајни сезони и разни настани.

Вашата единствена задача е да се препуштите на околината и да го набљудувате светот. Гледајте како се менуваат годишните времиња, како деновите се претвораат во години, а годините во векови, додека светот околу вас се константно менува. Ова е искуство дизајнирано за релаксација, каде што можете да се опуштите и да медитирате во еден мирен симулатор.

Низ вашето долго постоење, ќе се соочите со различни временски услови, од силни снежни бури до летни горештини и постојани дождови. Со текот на времето, на вас ќе почне да расте мов, а ќе станете и сведок на разни апсурдни, но и секојдневни авантури. Играта нуди мирно и постојано менување на светот што ве опкружува.

Освен релаксирачкиот аспект, играта нуди и хумористична страна со своите необични достигнувања. Можете да отклучите трофеи со интересни имиња како „егзистенцијална криза“, кој се добива ако не правите апсолутно ништо одредено време. Оваа игра е совршена за оние кои бараат смирувачко искуство со минималистички визуелни ефекти и амбиентални звуци, или пак за оние кои уживаат во ироничен хумор.

Stone Simulator – Just Be a Rock е евтино и експериментално искуство кое го предизвикува традиционалното гејминг искуство. За некои, тоа ќе биде длабоко релаксирачка и медитативна авантура, додека за други може да биде најздодевната игра што некогаш ја пробале. Оставаме на вас да одредите на која категорија припаѓате. 

Battle of Rebels: Борба за опстанок на човештвото

Battle of Rebels е нова игра која сака да ве вовлече во интензивна борба против орди на зомби и вонземски освојувачи. Пукачката игра на NYX Digital ќе може да се игра од перспектива во прво или трето лице, сами во соло мисија или преку крос-платформски мултиплеер режими со пријателите.

Приказната ќе ве однесе во свет каде што вонземјаните поставиле злобни машини за клонирање во урбаните центри. Овие уреди ја менуваат човечката ДНК, претворајќи ги луѓето во бездушни зомбија. Вашата мисија е да ги уништите овие машини, откако ќе го исчистите секое заразено подрачје од зомбија и ќе се соочите со моќен вонземски водач. Само со негово поразување ќе го добиете клучот за пристап кој е неопходен за конечно да ја онеспособите машината и да го спречите ширењето на заразата.

Кампањата за еден играч се протега низ пет обемни нивоа, додека  мултиплеер режимот нуди арена за борби 2 на 2. Можете да ја зголемите вашата огнена моќ со управување на тенкови, да користите дронови за тактичка предност и да изберете од огромен асортиман на оружје. Battle of Rebels дополнително ќе го поттикнува стратешкото размислување и собирање ресурси за да ги надминете предизвиците. 

Вклучувањето на соло кампања и крос-платформски мултиплеер режим е добар предуслов за квалитетна забава.  Но, дали содржините и гејмплеј механиките се доволно добро изведени за да успејат да привлечат и задржат поголема група од гејмери? Останува да видиме еднаш кога играта ќе излезе.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments