Гејминг предлози: Dark Atlas: Infernum, Morsels, VORON: Raven’s Story

во гејминг

Dark Atlas: Infernum – Поглед во бездната

Dark Atlas: Infernum е вознемирувачко хорор искуство од прво лице кое наместо да ве фрли во улога на војник, ве става во чевлите на Наталија Асенсио, припадничка на древен езотеричен ред. Заробени во подрум додека светот надвор се распаѓа под налет на паранормални феномени, вашата битка не е физичка, туку длабоко психолошка, со приказна која ве вовлекува во мистерија каде што мора да го вратите изгубеното сеќавање и да се соочите со гласот кој ве турка кон работ на апокалипсата.

Dark Atlas: Infernum бара од вас да бидете внимателен и остроумен. За да останете безбедни, потребно е да се криете во сенките, параноично да слушате чекори во соседните соби и внимателно да ја анализирате околината. Гејмплеј механиките се фокусирани на истражување и решавање загатки, иако, рака-на-срце, може да наидете на предизвици со навигацијата или да се благо разочарате од изведбата на одредени елементи кои се фокусираат на бавен и методичен пристап. Нам ни се допадна ваквиот начин затоа што успешно ја гради тензијата. Во Dark Atlas: Infernum вистинскиот терор доаѓа од исчекувањето, а не од директната акција.

Dark Atlas: Infernum користи одлично осветлување и уметнички дизајн за да создаде визуелно впечатливи, но и клаустрофобични пејзажи. Боите и светлосните ефекти помагаат да се изградат нереални, речиси сонолики сцени кои го зголемуваат чувството на нелагодност. Иако музиката можеби не е во преден план, суптилните шепоти, шумови и дисторзии во аудиото се клучни за создавање на густата, застрашувачка атмосфера. Гласовната глума нема да ве импресионира, но севкупниот звучен коктел е ефективен во својата цел да ве држи на работ на седиштето.

Dark Atlas: Infernum е амбициозен психолошки хорор кој дава приоритет на богатата приказна и густата атмосфера пред брзата акција. Се работи за кратко, но значајно искуство наменето за љубителите на наративни игри кои сакаат да се нурнат во еден комплексен, езотеричен свет. Топла препорака доколку сакате фокусот да е на психолошки терор страв кој има за цел да се провлекува и да ви се вовлече под кожа, а не да ви вади памет со евтини и ненадејни скокови пред вас.

Morsels: Ексцентричен и хаотичен рогелајт во подземјето

Morsels е најновиот наслов од независното студио Furcula, кој претставува необична комбинација на roguelite жанрот и механиките за собирање суштества. Играта ве става во улога на мал, гладен глушец кој се бори за опстанок во опасните канализациски системи, спротивставувајќи се на доминантна група на мачки. Она што ја издвојува оваа игра од морето слични наслови е нејзиниот уникатен систем на трансформација каде, со помош на магични карти, можете да се претворите во различни мали чудовишта. Погодувате, овие чудовишта се викаат Morsels, а, секое од нив се одликува со уникатни способности и карактеристики.

Гејмплејот во Morsels е брз и динамичен, барајќи стратешки да размислувате од нозе, особено кога се работи за можноста за инстантно скокање помеѓу вашиот тим од суштества. Наместо да се потпирате на едно оружје, вие ротирате низ вашиот ростер на ликови за да се справите со специфични непријатели или препреки. Секое суштество, како што кажавме, носи свои предности, но и слабости, а системот на бонуси и болести допринесува до уникатна и забавна акцијата која бара одреден период на навикнување.

Графиката во Morsels користи пиксел-арт естетика која потсетува на цртани филмови од 90-тите, нешто што се дополнително истакнува со филтри што имитираат стар CRT телевизор. Звучниот дизајн ја следи оваа насока со ексцентрични звучни ефекти и атмосферска музика која варира од напнати, хаотични тонови за време на борбите, до помирен амбиент додека истражувате скриени нивоа.

Morsels е игра која зрачи со карактер и оригиналност. Не ве држи за рака, но нуди длабоко и наградувачко искуство за сите оние кои сакаат да експериментираат. Бизарниот шарм, комбиниран со заразната механика на собирање и менување ликови, ја прави играта да има посебно место во секоја колекција на страствените гејмери.

VORON: Raven’s Story – Летање низ нордиски митови

VORON: Raven’s Story е наративна авантура од студиото Merk Games. Играта ви нуди уникатна перспектива така што ви дозволува да го искусите светот низ очите на гавран. Сместена во отворен свет инспириран од нордиската митологија, играта се фокусира на истражување и емотивно патување.

Наместо борба и комплексни системи, целиот гејмплејот е механиката на летање. Контролите се дизајнирани да бидат лесни за учење, но нудат длабочина за оние кои сакаат да го совладаат елегантниот лет. Со оглед на тоа дека акцентот е на приказната и на истражувањето, играта го отфрла концептот на health bars, дозволувајќи судирите со околината да се дел од искуството.

Приказната ве става во улога на млад гавран чија должност, според легендата, е да ги води изгубените души кон светот на боговите. Патувањето добива мрачен пресврт кога древна зла сила го напаѓа вашето семејство и ве разделува од саканите. Од тој момент, вашата мисија станува двојна и покрај тоа што треба да ги пронајдете вашите најблиски, имате за задача и да ја исполните својата света должност, помагајќи им на душите што ќе ги сретнете да го најдат својот мир. Потрагата ќе ве одведе низ свет кој е полн со тајни и скриени камени плочи со подлабоката приказна и митологија.

Покрај летањето, гејмплејот вклучува решавање на загатки во околината и разни Tower of Thunder trials кои бараат координација и ги тестираат вашите вештини. Како што напредувате, гавранот учи нови способности, како што се изведување акробации во воздухот, па дури и можност за повикување гром. Покрај тоа што играта изгледа преубаво, ни се допадна и посветата на звучниот дизајн, особено механиката поврзана со посебно копче за гракање кое служи и како еден вид сонар за лоцирање на семејството или цели во мисиите.

VORON: Raven’s Story е шармантно и релаксирачко искуство, идеално за играчи кои бараат емотивна приказна и мирно истражување, наместо интензивна акција. Играта лесно ќе ве потсети на инди-класици како Journey или ABZÛ затоа што, како и тие игри, така и оваа се наметнува како поетско патување за животот, смртта и семејните врски, раскажано од една сосема поинаква перспектива.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments