Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, седумдесет и деветто издание.
Battlefield V доминираше минатата недела со бројни известувања за тоа што би можеле да очекуваме од играта. Со официјалниот трејлер, дојдоа и вестите дека играта нема да има премиум пропусница туку сите мапи по излегувањето на играта ќе бидат бесплатни за сите, а се дозна и дека играта ќе има ко-оп мод за четворица играчи. Дополнително, поголемиот број фанови беа израдувани и откако слушнаа дека петката нема да ги вдомува озлогласените кутии со плен, но ќе продава костими од козметички вредности. Во играта ќе можете да играте и со женски ликови веќе од 11.октомври.
Кога сме на слична нота, одредени гејмери беа видно разочарани од немање кампања за еден играч во Call of Duty: Black Ops, но претставници од Treyarch побрзаа да се изјаснат дека тоа било затоа што поголемиот дел од играчите ги сакале Black Ops игрите поради мултиплеерот и зомби режимот, а не поради кампањата. Од студиото објаснија дека кампањите би можеле да се вратат доколку таквото нешто биде побарано од фановите во поголема бројка.
The Dauntless започна со отворената бета и строго ја препорачуваме на сите оние кои копнеат по ко-оп акциона игра во стилот на Monster Hunter, односно здружување на силите за елиминација на исклучително предизвикувачки ѕверови. Играта е бесплатна за играње, со изборна опција за подржување на авторите до пакети чија цена се движи од 35 до 100 долари.
Mirage: Arcane Warfare собра доволно внимание пред нејзиното излегување, но таквото нешто не беше доволно за да преживее играта, дури и откако се подарија милиони примероци од неа. Со новиот закон за приватноста во Европа, авторите сметаат дека не се финансиски силни да ги имплементираат промените и ја згаснуваат играта по само година дена постоење. Играта повеќе не се продава, а серверите згаснуваат на 31.мај.
The Sims 4 ја најави работата на една од најпосакуваните експанзии за овој серијал. Seasons не само што ќе воведе четири уникатни сезони туку и ви дозволува да создавате ваши празници. Експанзијата излегува на 22.јуни.
TotalBiscuit еден од најпознатите критичари во гејмерската индустрија почина на 33 годишна возраст, по неколку годишно боледување од рак. Веста ги потресе фановите откако неговата жена, Џена, објави трогателна поема на 24.мај. Желбата на Џон Бејн e неговата жена да продолжи со подкастот Co-Optional, а на фановите Џон го порача следново: „Ви благодарам што ме примивте во вашиот живот и што ми дозволивте да работам нешто исклучително важно и да влијаам на тоа како ги трошите вашите тешко заработени пари.“
Far Cry 5: Hours of Darkness е првото од трите планирани додатоци за играта. Експанзијата ќе ве префрли во добата на Виетнамската војна и ќе понуди нова приказна, нови оружја и способности. По завршување на кампањата, ќе ви се отклучат нови режими на игра, како Survival Mode и Action Movie Mode. Hours of Darkness излегува на 5.јуни. Во јули, слетува второто DLC, а во август – третото.
Pillars of Eternity 2: Deadfire го исфрли бесплатниот пакет насловен Rum Runner’s Pack. Играчите на оваа класична RPG игра можат да ги продолжат авантурите со нови предмети, а и да се дружат со нов лик кој ќе ве одвлечка во сомнителни води.
Со малку позабрзано темпо, би ве информирале дека Grand Theft Auto 5 се има продадено во 95 милиони копии, компанијата Tencent го купи студиото зад Path of Exile, Runescape Classic конечно ќе згасне на 6.август, а излегувањето на втората сезона за The Wolf Among Us се помести до 2019 година. Од друга страна, се појави крајно импресивен трејлер за Fallout: Cascadia, мод за Fallout 4 кој ветува повеќе од задоволително гејмерско искуство.