Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби. Со оглед на тоа дека времето е пари, почнуваме веднаш со најновите вести кои ја обележаа неделата.
Westland 3 ja започна кампањата за финансирање, а и објавија прекрасен гејмплеј приказ за тоа што би можело да ве очекува во најновото чедо на inXile Entertainment. Преку Fig кампањата развивачите бараат најмалку 2.75 милиони долари. Со уште 28 дена до крајот на кампањата, веќе се собраа 80% од средствата, односно 2,2 милиони долари.
А од креативниот ум на Benoit Sokal никако да излезе третото продолжение за авантурите на Кејт Вокр. Најавена уште од 2009, Syberia 3 требаше конечно да излезе на 1 декември годинава. Излегувањето, за жал, повторно се презакажува за зима/пролет 2017 поради желбата на Microids да се раздлабочи гејмплејот со додатни елементи.
Skyrim и Fallout 4 не требаше да добијат подршка за модови за PS4, но откако Bethesda целосно ја насочи кривицата кон Sony, на магичен начин се изнајде решение и таквото нешто сепак ќе биде можно.
Во случај да барате нова и исклучително добра пукачка игра, Gears of War 4 e излезена. Одредени други игри, пак, исто како и виното, стануваат подобри со текот на годините, особено кога ќе се пружи можност на нивна конверзија на друга платформа. Потценетиот хит на Bioware, Jade Empire од сега може да се игра и на iOS уредите.
Digital Homicide, издавачите кои се спремаа за масовно тужење на бројни Steam корисници, не исклучувајќи го и семоќниот Valve, неделава признаа дека ништо нема да биде од тоа затоа што компанијата е, просто кажано, уништена. Valve можеби скрца од нив, но не и од комисијата за коцкање од државата Вашингтон која нареди на Valve да стави крај на коцкањето и да не дозволува трансфери на виртуелни оружја, односно скинови за CS:GO. Додатна истрага е во тек.
За Beyond Good & Evil 2 конечно и официјално се призна дека играта е во изработка, а како уште едно пријатно изненадување, од Ubisoft најавија дека оригиналната игра ќе биде бесплатна за сите од 12 октомври. Сосема неповрзано, излезе и дванаесет минутен демо приказ за Ghost Recon: Wildlands.
Со шестата епизода за играта Hitman не се става крај на целата игра туку само на првата сезона. IO Interactive првенствено изјавија дека би сакале играта да има три сезони. Охрабрени од огромниот успех со ваквиот модел со епизоди, авторите веќе работат на понатамошното одмотување на приказната.
По скоро цела година, Rise of the Tomb Raider конечно излегува за PS4 наредната недела, а она што следи е новиот 20 Year Celebration трејлер. Со излегување на оваа верзија, сопствениците на која било верзија од оваа игра ќе добијат и бесплатни 100,000 кредити!
Од неодамна можете бесплатно да играте триесет минути од најновата игра на Armature Studios – ReCore. Ваквото нешто доаѓа со најновите надополнувања за играта кои го намалуваат времето за вчитување нивоа и додаваат подобрувања во аудио и визуелниот оддел на играта.
Првата бесплатна мапа за Titanfall 2 ќе биде надградената мапа од првата игра – Angel City. Respawn, меѓутоа, побрзаа да изјават дека сите козметички работи кои дополнително ќе излезат ќе бидат за продажба.
Најновото надополнување за Stardew Valley поправа бројни исправки во гејмплејот, но и додава пет нови мапи, два објекта за градење, нова мисија и неколку локации поврзани за неа, како и можноста да стапите во брак со Шејн или Емили.
За крај, мало потсетување дека излезе и последното DLC за Call of Duty: Black Ops 3, како и најновото надополнување за Tamriel Unlimited, а доколку погледот ви е свртен кон иднината, а не сегашноста, прочитајте за најочекуваните игри за месец октомври!
Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!