Во оваа прилика би сакале да ви препорачаме три интересни наслови за незаборавна акција; едниот наслов ќе ве вовлече во пеколни FPS пресметни, додека другиот ќе ви покаже како да навлезете во земјоделие на магичен начин. Последниот наслов е топла препорака за сите љубители на cozy жанрот и релаксираното истражување на преубав свет.

Holy Shoot е брза акциона roguelite пукачка игра од прво лице, сместена во една сатирична и комична верзија на Пеколот. Во игра преполна со непрекинат хаос, благословени херои и предизвикувачки демонски босови, вашата мисија е да го изберете вашиот омилен херој, да се нурнете длабоко во пеколните нивоа, да го надградите вашиот арсенал и вештини, пробивајќи си го патот низ ордите на гревот со стил.

Holy Shoot, како што можевте да прочитате и од нашето интервју, се фокусира на брзина, хумор и постојана акција. Секој ваш обид да го поминете Пеколот е уникатен, бидејќи нивоата се генерираат по случаен избор и се полни со проколнати непријатели и експлозивни изненадувања. Патувањето го започнувате како воин со божествени рефлекси, но како што напредувате, ќе отклучите нови херои. Секој лик носи нешто ново на бојното поле, а нивните различни способности го обликуваат начинот на кој ќе пристапите на секој предизвик.

На вашето патување, ќе се соочите со изопачени демони кои ги претставуваат седумте смртни гревови. Секој од овие босови има уникатни механики на борба и, за да им се спротивставите, ќе отклучувате моќни привремени надградби за време на играта, но и ќе заработувате валути за да купите трајни подобрувања во вашата база, позната како „HUB“. Ова ви овозможува да создадете свој сопствен стил на божествено уништување.

Визуелниот стил на играта е посебен и комичен, со рачно нацртани околини и стилизирани опасности. Секое ниво е тематски поврзано со различен смртен грев, од трошни рушевини преполни со злато до пештери исполнети со лава. Оружјата, од сачмарки до фрлачи на гранати, имаат свој карактер и придонесуваат за комичниот хаос. Помеѓу битките, се враќате во вашата база, каде што можете да разговарате со интересни ликови, да ги отклучите вашите надградби и да се подготвите за следниот ран.

Со својата уникатна комбинација на брза акција, хумор и постојано менување на предизвиците, оваа игра ветува часови забава и е одличен избор за сите љубители на акциони игри кои бараат нешто ново и возбудливо.

Out and About е пријатна авантура за истражување која се фокусира на магијата на растенијата од вистинскиот живот. По разорна бура што го погоди гратчето Портобело, вашата задача е да помогнете во обновата на заедницата. Ќе го истражувате дивиот пејзаж околу вас и ќе ја користите моќта на природата за да го вратите домот на жителите и да им помогнете да застанат на нозе.

Играта нуди богато едукативно искуство, овозможувајќи ви да научите да препознавате над 100 вистински растенија и габи. Ова знаење е практично и може да се примени и во реалниот свет. Ќе собирате храна и други материјали од природата, ќе подготвувате залихи и ќе градите длабоки пријателства со жителите на градот, кои полека се обединуваат како заедница што се стреми кон одржливост.

Со собраните состојки, ќе можете да готвите вкусни јадења и да подготвувате билни лекови за да им помогнете на граѓаните. Сите 150+ рецепти во играта се автентични, а играта дури нуди и детални упатства за тоа како да ги направите дома. Оваа механика ја зајакнува врската со природата и ве учи на практични вештини за хербализам и готвење.

Во Out and About го истражувате отворениот природен свет, кој вклучува густи шуми, широки пасишта, прекрасни крајбрежни плажи и мочуришта. Во случај да водите сметка и за вашиот изглед, можете да ги менувате фризурите и облеката на вашиот лик. Во случај да имате потреба и за социјализација, ќе се запознавате со шармантните ликови низ градот и ќе им помагате да се опорават и да изградат подобра иднина.

Out and About е топло и релаксирачко искуство кое ве поврзува со природата на уникатен начин. Преку забава, се стекнувате со вистинско знаење за растенијата и готвењето, додека уживате во приказна за заедницата, пријателството и одржливоста.

Ritual of Raven e игра која се залага да го редефинира жанрот на фармерски симулатори, така што ви дозволува да користите магии за да маѓепсате посебни конструкции кои ќе ја одгледуваат вашата магична градина со билки. Притоа, ќе се спријателите со група необични ликови и ќе ги искористите вашите вештерски способности за да изведувате моќни ритуали воведување ред во едно хаотично село.

Приказната започнува во свет каде што различни магични традиции коегзистираат. Еден амбициозен план за отворање портали меѓу световите тргнува ужасно наопаку. Сите вклучени губат нешто драгоцено, а порталите стануваат нестабилни, постојано исфрлајќи нови суштества во светот. Откако и самите ќе паднете низ еден од овие мистериозни портали, ја среќавате локалната вештерка Сејџ. Таа ве зема под своја закрила како чирак, верувајќи дека вие сте вистинската личност да ѝ помогнете во потрагата по нејзиниот изгубен миленик, Флаферступ.

Со вашиот верен придружник кој е во форма на гавран, ќе собирате знаење и состојки за изведување на моќни ритуали. Вашата цел е да ја пополните вашата книга на сенки и да ги пронајдете чуварите на порталите за да донесете стабилност. Со помош на мистичен шпил карти, ќе ги маѓепсате конструкциите како би можеле да ораат, сеат, наводнуваат и собираат плодови наместо вас. На располагање имате 22 уникатни конструкции и неброени можности за полнење на вашата градина со различни билки.

Но покрај магично земјоделие, ќе можете да градите пријателства со чудната заедница на отпадници, да се запознавате со нивните уникатни приказни и да тргувате со нив за вредни состојки. Може да дознавате како вашата жетва се менува во различни периоди и како да ја искористите, пример, моќта на месечината за да ги наполните вашите кристали. Надвор од ова, ќе можете да ја посетувате продавницата на Пистачио и бидете креативни со нивниот избор на мебел за да го декорирате селото и вашата фарма.

Ritual of Raven нуди уникатно и пријатно искуство кое ги спојува елементите на фармерски симулатор со богата приказна и магичен свет. Наместо напорна работа, играта се фокусира на стратегија, истражување и градење односи. Тоа е совршена авантура за оние кои бараат релаксирачка, но истовремено и ангажирачка игра, полна со мистерија, магија и шармантни ликови.







