Ford го претстави својот нов прототип Ford Evos, автомобил чија премиера треба да биде на овогодинешниот саем за автомобили во Франкфурт. Ford Evos e седан на хибриден погон кој ќе биде постојано приклучен на Интернет. Ford Evos моментално е само концепт бидејќи голем дел од технологијата која ќе ја содржи и футуристичките опции кои ќе ги нуди сé уште не се комплетно остварливи, но Интернет на нештата е несомнено иднината.
Според иднината видена од очите на Ford, моделот Evos ќе знае сé за вашите лични интереси благодарение на податоците кои ги имате на Веб. Ford Evos ќе знае што музика сакате, колку спиете, како возите, кои радија ги слушате, какви филмови гледате, кои ви се пријатели, и многу други работи кои можат да се добијат од вашето користење на интернет.
Благодарение на напредната технологија, Ford Evos знае каде сте упатени и според тоа ќе ја проверува густината на сообраќајот пред вас, и ви предложува поисплатливи маршути. Бидејќи Evos е поврзан на веб сервиси, и со сите ваши уреди, може да погоди кога излегувате од дома и според тоа започнува да ја подесува внатрешната температура. Доколку предвиди дека имате доволно време за да стигнете до посакуваната дестинација, може да ви предложи позабавно возење. Исто така може да ви предложи и спортско возење доколку забележи дека временските услови се погодни и нема густ сообраќај пред вас.
Ford Evos исто така ќе се грижи за здравјето на возачот, па така кога ќе се доближува до град ја регистрира загаденоста на воздухот и активира систем за филтрирање. Преку сензори во седиштето ги контролира виталните знаци на возачот и според тоа може да ги исклучува сите уреди кои би му го одвлекуваче вниманието. Во концептот постои и можност автомобилот преку Интернет да пребарува слободно паркинг место и да го резервира, и од како ќе го најде го упатува возачот до местото. Во концептот стои и дека автомобилот би се полнел безжично преку ден.
Ford Evos звучи како автомобил излезен од научно фантастични филмови, меѓутоа многу често се случувало научната фантазија да стане научен факт. Голем дел од технологијата која се наоѓа во Ford Evos е веќе достапна, сé што треба е понудените идеи, како што е безжичното полнење да станат составен дел од моменталното опкружување.