Излегување на Folklore Hunter од раниот пристап на Steam претставува значаен момент ем за студиото Liquid Donkey Games ем за љубителите на кооперативниот хорор жанр. Верзијата 1.0 носи значајни промени и долгоочекувани содржини кои квалитетно ја заокружуваат петгодишната развојна фаза.
Најголемиот додаток во ова финално издание е воведувањето на Мотман како трет главен антагонист, во кампањата која сега е целосно комплетирана и нуди три засебни приказни низ рачно дизајнирани опкружувања. Преземајќи ја улогата на елитни ловци на натприродни суштества, потребно е да ставите крај на теророт преку детално планирање и тимска работа.

Клучот за преживување во Folklore Hunter лежи во паметното искористување на теренот и поставувањето на стапици и камери кои овозможуваат следење на движењето на суштеството од безбедна далечина. Не можеме доволно да потенцираме колку е важно ова, затоа што ловецот лесно може да стане плен штом падне ноќта. Системот за ресурси бара од вас внимателно да истражувате напуштени колиби и пештери за да најдете батерии за вашите светилки, завои и мамки од месо. Имплементацијата на новиот систем за означување локации во верзијата 1.0 драстично ја подобрува комуникацијата меѓу играчите без потреба од постојана гласовна координација.

Визуелниот идентитет на играта доби масивен скок со преминот на Unreal Engine 5 кој овозможува многу пореалистично осветлување и атмосфера каде густата магла и динамичните сенки играат клучна улога во градењето на тензијата додека истражувате густи шуми или клаустрофобични пештери. Графичките подобрувања се надополнети со поддршка за FSR 4 технологијата која обезбедува помазни перформанси, особено во интензивните сцени кога временските услови се влошуваат и видливоста станува минимална.

Една од најзначајните новини што ја носи целосната верзија е целосната поддршка за Steam Workshop која овозможува заедницата да креира сопствени модови и сценарија. Ваквата креативна слобода заедно со процедурално генерираните договори за лов значително допринесува до поразлични преигрувања. Покрај ова, играта воведува и нови оружја. Башка, заработените средства може да се искористат за отклучување подобра опрема.

Folklore Hunter заслужува да биде проверена бидејќи нуди ретко видена рамнотежа помеѓу методичното истражување и чистиот адреналински хорор. Наместо брзи акциони пукачки игри, Folklore Hunter гради бавна и мачна атмосфера на исчекување. Доколку сте љубители на митологијата ова е уникатна прилика да се соочите со легендите на начин кој делува автентично и застрашувачки реално. Длабочината на механиките за следење и лов го прави чедото на Liquid Donkey Games да понуди едно од покомпетентни кооперативни искуства.








