Покрај Facebook, својот 10 роденден овој месец го прославува и сервисот за споделување на фотографии Flickr. Пред 10 години на O’Reilly Emerging Tech Conference стартапот Ludicorp Research & Development за прв пат ја претстави платформата за споделување на фотографии која успеа да го издржи тестот на времето. Flickr сега е во сопственост на Yahoo, а веќе има и над 5 милијарди фотографии од корисниците на своите сервери, а споделувањето на слики е зголемено за 170 отсто. Компанијата има 2 милиони групи кои споделуваат милион фотографии секојдневно. Прославата на 10 години Flickr ќе се одбележи со организирање на натпревари и настани низ целиот свет, а креирана е и групата #Flickr10 која ги повикува сите корисници во следните две недели да им помогнат во изборот на омилените фотографии.
„Навистина сум возбуден што го прославуваме роденденот на Flickr! Кога го сонувавме овој фото сајт пред 10 години, неможевме ниту да претпоставиме каков ефект ќе има на споделувањето на дигитални фотографии и на начинот на кој се поврзуваат луѓето насекаде. Горд сум на Flickr и возбуден за иднината!“, вели ко-основачот на Flickr, Стјуард Бутерфилд.







