Crate Entertainment, независниот девелопер најпознат по феноменалната акциона RPG Grim Dawn, неодамна го официјализира влегувањете во жанрот на city builder-и со целосното лансирање на Farthest Frontier. По исклучително успешниот тригодишен период во Early Access на Steam, играта конечно го дочека посакуваното 1.0. Изданиетозначително ја надгради цврстата основа, позиционирајќи се како сериозен конкурент во поджанрот на средновековни симулации за градење населби. Подгответе се да водите мала група доселеници и да ја претворите недопрената дива природа на работ на познатиот свет во просперитетен и одржлив град.

Farthest Frontier се одликува со исклучително длабок и повеќеслоен систем за управување со ресурси и економија. Започнувате со собирање на 16 различни суровини, вклучувајќи ги стандардните дрво, камен и глина, но и специјализирани материјали како што се метални руди, диви билки и, пример, мед. Исхраната на популацијата е посебен предизвик, при што се достапни 19 видови храна, вклучувајќи ги активностите како собирање, лов и риболов, како и култивирање на 12 различни земјоделски култури.
Клучна карактеристика е напредниот систем за земјоделство кој бара постојана стратешка интервенција. Имено, морате да воспоставате софистицирани ротации на култури за одржување на плодноста на почвата, да избегнувате штети од екстремни температури и спречување акумулација на растителни болести. Постојаното култивирање на полињата со отстранување на плевелите и камењата, и прилагодување на мешавината на почвата, се неопходни за постигнување максимален принос и поддршка на растечката популација. Оваа комплексна економска рамка води кон производство на 32 изработени предмети и материјали во повеќестепена производна низа.

Проширувањето на населбата се остварува преку изградба на над 190 различни објекти, при што градскиот центар и станбените објекти напредуваат низ повеќе нивоа на градба, како што се зголемуваат просперитетот и атрактивноста на градот. Со лансирањето на верзијата 1.0, играта воведува целосно ревидирана прогресија со ново технолошко дрво од 142 точки. Воведувањето на мостови значително ја подобрува логистиката на мапата, додека новиот систем на политики и споменици со услови за победа додава нова стратешка димензија на управувањето. Објектите за производство може да се надградуваат за да се зголеми ефикасноста и да се овозможи производство на посложени предмети. Визуелно, играта го прифаќа класичниот изометриски стил на градби со детални модели на објекти и органски изглед на теренот, при што графиката е функционална, јасна и естетски пријатна, со цел лесно следење на многуте симулациони елементи.

Ефикасноста зависи од логистиката; развојот на патишта, транспортните вагони и подобрените методи за складирање се клучни за спречување на расипување на храната и забрзување на движењето на стоките. Еколошката интеракција бара да го балансирате расчистувањето на земјиштето за земјоделство со потребата да се зачуваат виталните природни ресурси, како што е управувањето со шумската покривка за да се спречи сушење на подземните води. Здравјето на граѓаните е постојан предизвик: од обезбедување чиста вода за спречување на дизентерија и колера, до обезбедување разновидна исхрана против скорбут. Управувањето со штеточини и отпадот е, пак, од клучна важност за одвраќање на бубонската чума.

И покрај се, би било погрешно да мислите дека ова е исклучително тешка игра. Флексибилноста во играњето се обезбедува преку приспособливи опции за тежина, овозможувајќи ви да изберат помеѓу мирен, идиличен режим, или брутален тест на издржливоста. За оние кои сакаат да го избегнат борбениот аспект, достапен е пацифистички режим. Со оглед на големиот успех во ран пристап, Crate Entertainment обезбедува целосна поддршка за Steam Workshop и алатките за развој Unity, давајќи ѝ на заедницата моќ да го модифицира и реинвентира искуството.

Farthest Frontier е детален симулатор за микроекономија и управување со логистика. Прецизноста и длабочината на системите – особено реалистичното земјоделство, деталното управување со болести и логистичките предизвици – дефинитивно ја одвојуваат од конкуренцијата. Верзијата 1.0, со редизајнираното технолошко дрво, новите споменици и системот на политики, ветува значително поголема долговечност, нешто што е потпомогнато и од рандомното генерирање мапи. За љубителите на жанрот кои бараат покомплексен, пореален и, можеби, потежок симулатор Farthest Frontier е игра која заслужува внимание.







