{mosimage}Fallout 3 e игра која ќе ве воведе во постапокалиптична Америка. Вашингтон е рушевина, а радиоактивноста произведува мутанти. Играта е shooter во прво лице и RP (role-playing) во исто време и може да се игра на сите платформи (PC, xBox, PS).
* НАПОМЕНА – Играта содржи насилство, пцовки, многу крв и други моменти кои не се соодветни за лица помлади од 17 години. Во текстот подолу има слики и видеа со содржина од играта.
Fallout 3 е трет дел од Fallout серијалот и e продукт на Bethesda Softworks креаторите на Elder Scrolls, па така системот на качување левели и добивање поини со кои ќе се надградат вештините на карактерот се слични на Oblivion само поедноставени.
Приказна – оценка 8/10
Fallout 3 започнува со раѓањето на карактерот во бункерот 101 по нуклеарна војна од кој никој не излегол ниту влегол. Сето тоа се случува 30 години по приказната на Fallout 2.
На почеток вие ќе изберете кој пол ќе е вашиот карактер и како ќе изгледа. Одлуките за вашиот карактер, кои започнуваат од самото раѓање: машко или женско, каква коса и лице, ќе одлучуваат што понатаму. Интересно е што по тој избор ќе имате краток туторијал како едногодишно бебе и ќе научите како да се движите и да користите објекти во играта.
Бидејќи се работи за акциона игра, овие епизоди од 1 до 19 години се кратки, па се искористени само за да ве воведат во основните атрибути и вештини кои ќе му требаат на вашиот лик да се снајде во новиот свет полн со монструми и роботи.
Кога ќе наполните 19 години, ќе ве разбуди вашата пријателка и ќе ви каже дека вашиот татко побегнал од бункерот. Overseеr, главниот во бункерот ќе почне да ги убива сите за кои мисли дека се поврзани со бегството на вашиот татко. Тука започнува авантурата. Ќе мора да избегате од бункерот и да го најдете татко ви. Интересно во приказната е што Overseer е татко на вашата пријателка со која расневте, па во еден момент од вашето бегство ќе налетите на Overseer-от и ќе одлучувате за неговата судбина. Јас лично го убив, бидејќи Overseer-от го уби човекот што за мојот 16 годишен роденден ми ја поклони првата пушка.
{mosimage}
Графика – оценка 9/10
Атмосферата во играта е фантастична, поверодостојна постапокалиптична атмосфера е тешко да се замисли а графиката одговара на сето тоа. Едноставно прекрасно.
Единствена забелешка има за начинот на кој се движат луѓето, посебно кога трчаат.
Како и да е, наместо да го опишувам изгледот на играта еве неколку слики:
{mosimage}
{mosimage}
{mosimage}
Игривост – 7/10
Fallout 3 е shooter во прво лице па игривоста е едноставна. Имате оружје, имате монструм – пукај. Сепак играта има неколку додатоци што ја дели од останатите shooter-и (Call of Duty, Counter Strike). Во оваа игра изборот на способностите игра голема улога. Бидејќи се добива искуство, вашиот лик се развива, се добиваат поени со кои може да се унапредат вештините – специјалист за човечки односи, за експлозиви, за melee (гради во гради) борба, експерт за мало или големо оружје…. кои ќе ви дадат чувство на ваш, персонализиран лик.
Најновото што Fallout 3 го има е VATS системот за борба, што овозможува да ја паузирате играта и да одберете во кој дел од телото ќе пукате. Тоа му додава драматичност на моментот на борба. Следи видео за како изгледа VATS:
Играта исто така е и авантура. Веднаш штом ќе излезете од бункерот 101 пред вас се отвара огромен свет кој што не е лимитиран, може да се движите каде сакате. Иако главната мисија (quest) е линеарна т.е мора да го откривате чекор по чекор, а останатиот свет на Fallout ви е оставен на вас. Истражувањето на светот, интеракцијата со другите карактери, како ќе се однесувате сето тоа ќе ја зголеми или намали вашата карма. Тоа го дополнува чувството на персонализиран лик. На пример: Кога човекот пред Megatron ќе ви побара вода можете да му помогнете, да го убиете или игнорирате.
За крај
Fallout 3 вреди да се игра. Атмосферата е одлична па ако не ве изнервираат дијалозите на карактерите во радиоактивниот свет, ќе имате одлична авантура.






