Facebook ќе се обиде да ја наруши доминацијата на телевизијата врз маркетинг буџетите со ТВ-реклами на својот сајт кои ќе бидат наплаќани од 1 до 2,5 милиони долари на ден, велат извори за Bloomberg.
Facebook, кој мисли само на поголеми приходи и помирни инвеститори откако излезе на берзата, ќе ги прикажува видео рекламите на сите 1,15 милијарди корисници, но најмногу ќе ги таргетира тие 61 отсто кои секој ден ја посетуваат мрежата во „ударното време“ на телевизијата. Пример, во САД тоа се од 80 до 100 милиони луѓе. Facebook верува дека може да вметне видео реклами кои ќе ги заинтересираат корисниците кои се мултитаскери и гледаат телевизија додека истовремено дискутираат за популарните шоуа и емисии на мрежата.
Овие телевизиски реклами ќе бидат долги околу 15 секунди, исто колку што се долги видеата на Instagram, апликација за споделување на мултимедија која Facebook ја купи за нешто над 800 милиони долари. Во таков формат, видео рекламите ќе бидат препознатливи за корисниците, велат изворите за Bloomberg. Високата цена од неколку милиони долари на ден ќе значи дека овие реклами ќе бидат ретки, но доколку има таква реклама тогаш ќе им биде прикажана на корисниците до три пати на ден.
Основачот на мрежата, Марк Закерберг, постојано го одложувал стартот на видео рекламите бидејќи не сакал тие да го нарушат корисничкото искуство. Тој претходно изјави дека ќе го лимитира прикажувањето на реклами во фидот за вести, односно една реклама ќе зазема само 5 отсто од фидот или ќе се појавува по една на 20 постови.







