Европската Унија ќе даде дозвола и IBM ќе може да го заврши купувањето на 34 милијарди вредниот договор со Red Hat. Кога ќе биде финализиран ова ќе биде финансиски најголемиот договор на IBM досега. Конечната официјална потврда Европската Унија ќе даде на 27 јуни, но извори за Reuters велат дека одлуката веќе е донесена. Иста одлука пред еден месец донесе и САД и како и очекуваната одлука на Европа, и САД не бара никакви дополнителни гаранции од IBM.
Зделката официјално започна кон крајот на октомври минатата година, кога IBM ја објави намерата да го купи дистрибутерот на Linux. Ова не само што е најголема зделка на IBM, туку е и трета најголема зделка во САД кога се во прашање технички компании. Пред купувањето Red Hat беше проценет на 20,5 милијарди долари.
Секако ова значи дека и официјално IBM станува посериозна конкуренција на Amazon, Alphabet Inc (Google) и Microsoft во облакот. IBM последниве неколку години пронаоѓа нови области во кои ја шири својата понуда. Па сега, главно преку вештачката интелигенција Watson имаат серија нови сервиси, од грижа за корисници, па сѐ до сметководителски совети. Сепак со купувањето на Red Hat, IBM се враќа назад кон она што традиционално најдобро знае да го прави.
Очекувањата се дека Red Hat ќе ја задржат својата независност и под IBM. Оперативниот систем нема да биде ексклузивен во облакот на IBM, па корисниците кои сакаат да користат друга дистрибуција на оперативниот систем ќе можат да ја користат таа. За тоа колкаво е значењето на Red Hat Enterprise Linux можеби најдобар показател дека софтверот и апликациите кои се на овој оперативен систем ќе придонесат со 10 билиони долари во 2019 година. Ова е 5% од целата светска економија.