Друштвените мрежи, во комбинација со напредокот во вештачката интелигенција, имаат потенцијал за големо влијание врз јавниот дискурс и демократските процеси ширум светот. Како што се приближуваат европските избори, во прв план доаѓа загриженоста за интегритетот на демократските процеси.
Оваа година се одржуваат избори за Европскиот парламент и претседателски избори во САД. Европската комисија се сомнева дека Facebook прави доволно за да го спречи руското влијание на изборите. Поради ова комисијата отвори истрага за прекршување на Уредбата за дигитални услуги (Digital Services Act).
Комисијата идентификува неколку проблеми кои ги разгледува. Истрага е отворена за начинот на кој Meta се справува со дезинформациите, но и недостатокот од алатки кои би овозможиле следење на изборите и граѓанскиот дискурс во реално време.
„Оваа Комисија креираше средства за заштита на европските граѓани од таргетирани дезинформации и манипулации од трети земји. Ако се сомневаме дека има прекршување на правилата, се активираме. Ова го правиме постојано, но особено во време на демократски избори. Големите дигитални платформи мора да ги исполнат своите обврски и да вложат доволно ресурси. Денешната одлука покажува дека сме сериозни во однос на обврските. Заштитата на нашите демократии е заедничка борба со земјите-членки.“, вели претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен.
Уредбата за дигитални услуги на Европската комисија, чија цел е регулирање на онлајн платформите како што се Facebook и Instagram, одразува поширок обид за решавање на предизвиците што ги носи дигиталната ера. Поради ескалацијата на геополитичките тензии и сè поголемиот број забележани случаи на странско мешање, заштитата на демократијата во Европа стана најважно, па иницијативата на Комисијата не е никакво изненадување. Токму овие избори треба да покажат колку демократијата е отпорна на овие актуелни дигитални закани.
Истрагата која е отворена треба да покаже и како Meta се справува со злонамерното рекламирање на Facebook и Instagram, но и колкава е придобивката од овозможувањето на корисниците да одбележат некоја содржина како илегална. Казните според Уредбата за дигитални услуги може да достигнат 6 отсто од годишниот обрт на Meta.
Руската мрежа „Doppelganger“
Најголема причина за отворање на истрага во работата на Facebook и Instagram е зголемена руска активност на друштвените мрежи.
На средината на април, Politico објави дека на најпопуларната друштвена платформа се шири мрежа за споделување на дезинформации. Се чини дека мрежата „Doppelganger“ е контролирана од Русија и ги поддржува властите во Москва. Мрежата е откриена во 2022 и нејзините членови беа под санкции. Во овој период Meta процени дека групата потрошила 100 000 американски долари на реклами. И покрај оваа забрана, групата и натаму е активна, а последните неколку месеци се забележани обиди за влијание во Германија и Франција.
Не само што групата е активна, туку сега нивните објави и платени реклами пристигнуваат до 10 пати поголем број на корисници. Групата купува реклами и ги таргетира Франција и Германија. Поради неуспехот на Facebook за соодветно управување со содржините над 65 отсто од рекламите поврзани со политички и социјални прашања беа споделувани без соодветни обележја. Иако одбележувањето на политичко рекламирање е задолжително во Европската Унија, ова не е нешто што Унијата и го наложи на компанијата. Истите правила се дел од политиката за користење на Facebook.
„Франција е преплавена од пропаганда и дезинформации. Последниве шест недели не поминала ниту недела без координирана кампања за дезинформирање во Франција“, вели Жан-Ноел Баро, министер за европски прашања.
Влијанието на вештачката интелигенција
Специфично за овие избори е што ќе бидат помеѓу првите во кои ќе има вклучено исклучително многу и различна вештачка интелигенција. Кога друштвените мрежи се во прашање во најголема мерка злоупотребите може да се поделат во три групи:
Ширење на дезинформации – Благодарение на можностите за генерирање на слики, видеа и аудио содржина, злонамерните напаѓачи значително полесно ќе ги убедат луѓето во легитимноста на лажните вести. Оваа генерирана содржина не само што е уверлива, туку и исклучително брзо се шири по друштвените мрежи.
Микро-таргетирање на гласачите – Вештачката интелигенција може да се користи за обработка и поделба во различни групи кои ќе овозможи да бидат цел на специфични пораки. Овие пораки ќе бидат фокусирани во зависност од убедувањата и стравовите на луѓето. Рекламите ќе им бидат прикажувани на тесни групи и ќе соодветствуваат на убедувањата кои веќе ги имаат.
Сузбивање и заплашување – Злонамерни актери би можеле да користат вештачка интелигенција за да шират дезинформации за времето на гласање, локациите или правото на глас. Би можеле да користат вештачка интелигенција и за автоматски повици или за спам кампањи за да ги обесхрабрат луѓето да гласаат.
Друштвените мрежи и во минатото беа предизвик кога изборите беа во прашање, но овој пат заради вештачката интелигенција предизвикот ќе биде и поголем. Обидите на Европската Комисија за регулирање на онлајн платформите и борбата со дезинформациите само што започнуваат. Сепак, потребна е соработка помеѓу државите, техничките компании, граѓанското општество и граѓаните. Ова мора да се направи внимателно за да се отстрани секоја опасност од злоупотреба. Истовремено, никакво поместување нема да може да се направи без план кој ќе опфати зголемување на дигиталната писменост, медиумската писменост и поттикнување на критичкото размислување кај луѓето до кои стигаат овие информации. Единствено со добро информирани учесници во целиот изборен процес може да се обезбеди продолжување на демократските вредности.