Доколку идеите за летото ви се исцрпени, еврокомесарката задолжена за Дигиталната Агенда на ЕУ, Нели Крос, има предлог да ги искористите последните слободни денови од летото за да научите да кодирате. Идејата доаѓа како промоција на EU Code Week настанот, закажан за 11 до 17 октомври, на кој ќе се демистифицира кодирањето и ќе се мотивираат сите корисници да ја научат оваа вештина. Во текот на летото се закажани и наколку настани, пример во август во Естонија се организираат курсеви за деца од 9 до 14 години, а во Будимпешта е закажан Train the Trainer курс за роботика; како и други работилници низ повеќе европски градови… Лил, Данкирк, Дизелдорф се само дел од нив.
Со оглед на тоа дека овие локации се далеку од Македонија, а дел се далеку и од повеќето европски држави, Европската Унија има и други покреативни предлози. Scratch, Codecademy, Code School и Code.org нудат одлични лекции и ресурси за учење. За поакадемско изучување тука се онлајн курсевите на Coursera, MIT OpenCourseWare, Udacity и Khan Academy.
Вложувањето во кодирањето е долгорочен проект на Европската Унија, со цел да се отворат нови работни места, а Европската комисија верува дека кодирањето ќе биде клучно за голем број од ново отворените работни места бидејќи дури и во моментов дури 90 отсто од работните места бараат одредено познавање на информатички и комуникациски технологии.







