Се сеќавате ли на Evernote, апликацијата која овозможува „фаќање“ белешки или идеи, и нивно организирање. Од ноември 2022-ра, Evernote е во сопственост на италијанската компанија Bending Spoons од Милано, а од оваа недела и центарот на операции е префрлен во Европа.
Evernote е основана во 2000-та година од руско-американскиот претприемач Степан Пачиков. Започна како софтвер за препознавање ракопис за Windows, а вака креираните белешки беа чувани во бескрајно долг документ. Вистинскиот успех започна во 2007-ма година и префрлање на фокусот на веб и на паметните телефони. Во 2008-ма година беше издаден Evernote 3.0.
Во еден период не можеше да се замисли листа на апликации за поголема продуктивност без Evernote. Од 2010 до 2015 добија инвестиции со вредност од стотици милиони долари, а вредноста на компанијата во 2013-та година беше проценета на околу 1 милијарда долари и се здобија со статус „еднорог“. Неколку години подоцна, во 2015-та, Evernote беше прогласен за првиот „мртов“ еднорог.
Сега компанијата во обид да ја зголеми својата оперативна способност во целост се сели во Европа. Канцелариите на Evernote во САД и Чиле ќе бидат затворени, а најголем дел од вработените на овие локации се веќе отпуштени. Веста за новите отпуштања доаѓа 5 месеци откако компанијата на крајот на февруари отпушти 129 вработени.
Evernote во објавата на својот блог објасни дека вработените биле известени на 5-ти јули. Тие ќе добијат 16-ет неделна отпремнина, бонуси и платено здравствено осигурување до една година по отпуштањето.
Ако ја користите платформата немате причина за загриженост, Bending Spoons нема намера да престане со поддршката. Eдна од причините за намалување на бројот на вработени и фокусирање на една канцеларија е обид да се зголеми заработката на апликацијата за да може да биде одржлива.
Нашите планови за Evernote се амбициозни како и досега: Во иднина, посветен (и растечки) тим со седиште во Европа ќе продолжи да ја презема сопственоста врз Evernote. Овој тим ќе биде во идеална позиција да ја искористи експертизата и моќта на повеќе од 400 вработени во Bending Spoons, од кои многумина работат на Evernote со полно работно време уште од купувањето.
Мобилната верзија на Evernote е една од првите супер популарни апликации за паметни телефони. Апликацијата беше лансирана во 2008-ма година и набрзина стана една од омилените апликации за поголема продуктивност. За жал отпуштањата започнаа неколку години откако беа проценети на 1 милијарда. Првите поголеми отпуштања беа во 2015-та година, а отпуштања имаше и во 2018-та. Една од причините за ова е што набрзо се појавија куп конкуренти, а и креаторите на оперативните системи Microsoft и Apple ги подобрија своите верзии на апликациите за белешки кои веќе доаѓаа на уредите.