Викендов започнува Светското првенство во фудбал кое оваа година се одржува во Катар. „Најважната споредба работа“ оваа година е преполна со контроверзии. Започнаа со обвинувањата за корупција при изборот; следеа лошиот третман на работниците кои ги граделе стадионите и односот кој државата го има кон жените и хомосексуалците.
Вообичаено во неделата пред Светското првенство споделуваме информации за апликациите кои може да ви помогнат за детално да ги следите натпреварите. За жал овој пат наместо официјална апликација имаме апликации за следење. Поточно две апликации Ehteraz и Hayya, кои се задолжителни за сите посетители кои сакаат да ги следат натпреварите во живо.
Hayaa е апликација која ги следи натпреварите, но истовремено има пристап до многу повеќе податоци од телефонот отколку што се потребни. Etheraz е апликација за следење на COVID-19 контакти, но може да манипулира со содржината на телефонот и да гo деактивира режимот на мирување.
Европската агенција за заштита на податоците предупреди дека преземањето на апликацијата Hayya е опасно за посетителите. Двете катарски апликации собираат многу повеќе отколку што јавуваат во нотификациите.
„Една од апликациите собира податоци за телефонските повици и телефонскиот број кој се повикува…
Другата апликација активно спречува уредот на кој е инсталирана да премине во режим на мирување. Податоците што ги користат апликациите не само што остануваат локално на уредот, туку се пренесуваат и на централен сервер“, пренесува Politico.eu.
Германската агенцијата за заштита на податоци е трета која излезе со предупредување. Пред неа истото го направија Норвешката агенција за заштита на податоци и Француската агенција за заштита на податоци. Еден од советите за посетителите во Катар е ако баш мораат да ги инсталираат апликациите тоа да го направат на нов, празен телефон.
Слично предупредување доаѓа и од Француската агенција, која советува претпазливост со сликите и видеата. Најдобро е корисниците да ги инсталираат апликациите пред тргањето и да ги избришат штом се вратат.
Норвешка предупреди дека постои вистинска опасност дека податоците на посетителите, но и самите посетители ќе бидат следени во Катар. Ова секако е сериозен проблем, уште повеќе за дел од посетителите кои припаѓаат на ранливите групи.