Малата Естонија, која со 1.3 милиони жители е најверојатна најуспешната држава во Европа кога е во прашање јавни е-услуги, отвори апликации за „виртуелно државјанство“. Со апликациите луѓето кои не се државјани на Естонија можат да се пријават за ова прво-во-светот „виртуелно државјанство“ со кое ќе добијат пристап до електронските услуги кои ги нуди земјата. Услугата е пред се наменета за бизнисите и претприемачите чија креативност е ограничена со традиционални бирократски процедури во своите земји.
Естонија веќе се нарекува „е-Естонија“ бидејќи има вистинско информатичко општество. Земјата наоѓа најразлични примени на технологијата во сите сегменти на животот на Естонците, а меѓу нив е и можноста да се аплицира за e-Residency, што е мотивирано од желбата за побрз и поголем развој на стартапи и иновации. Ова се постигнува со поедноставување на целата процедура од регистрација на бизнис, креирање на сметка во Естонија до електронско пријавување на данок. Токму на е-жителството во Естонија се гледа како на начин кој и овозможува на државата им конкурира глобално на поголемите држави.
„Естонија е како стартап кој треба да им се допадне на корисниците за да генерира приходи“, вели Тави Котка за Tech.eu, кој е еден вид CIO, или главен за технологија во естонската влада, додавајќи дека во моментв ја има најдобрата работа во светот.
„Со e-Residency се приближуваме до идејата на држава без граници. Се надеваме дека ќе креираме виртуелна бизнис средина низ целиот свет, каде луѓето од развиените и земјите во развој можат едноставно да станат претприемачи и да започнат бизнис било каде во светот. Физичките национални граници повеќе нема да пертставуваат пречка. Можете за започнете бизнис, да направите трансакции, да потпишувате договори, па дури и да пријавите данок“, вели Каспар Корјус кој е задолжен за програмата.
Засега нема податоци за бројот на пријави за е-жителство во Естонија, но само во првиот час од стартување на вебстраната се пријавиле над 4000 жители од над 140 држави од целиот свет. Плановите се до крајот на годината Естонија да добие нови 2.000 е-жители, а ако ништо друго само од покривањето по медиумите програмата веќе се исплати.







