Малата Естонија има околу 1.3 милиони жители, но кога дигиталните услуги и примена на информатичката технологија се во прашање, оваа земја е еден од лидерите во Европа и во светот. Балтичката држава е лидер кога е во прашање е-жителството, е-банкарството, но и куп други е-услуги…
Пред десетина години Естонија беше најпрепознатлива по платформата за разговор Skype. Сега речиси сè во Естонија е онлајн и по тоа се најпрепознатливи во светот. Државата овозможува онлајн жителство, а со тоа онлајн плаќање на даноци, онлајн отворање на компанија или банкарска сметка.
Во „срцето“ на сите овие услуги е платформата X-Road. Платформата им овозможува на естонците да ги завршат сите потреби онлајн, преку специјална картичка тие можат онлајн да извадат различни документи, дозволи, да пријават даноци, лиценци, да комуницираат со администрацијата и сето тоа за доста кратко време и со скоро никакви проблеми. За вакви документи по административен пат во огромен дел од останатите држави се чека со недели или месеци, вели MarketWatch.
Државата не само што креира е-државјанство, туку овозможува и сè што е потребно да се завршат куп работи, без да се стапне во Естонија. Е-жителство е една од најновите, но веќе и најпопуларните услуги кои ги нудеи Естонија. Е-државјаните добиваат паметна картичка заштитена со 2048-битна енкрипција која е своерачен потпис и идентификација.
Преку е-државјанството, Естонија овозможува еден куп онлајн услуги:
- е-банкарство;
- можности за отворање компании онлајн;
- трансфер на пари;
- дигитални потписи;
- верификување на контакти и документи
Сличностите со Македонија се што и двете држави излегоа од социјалистички држави, Естонија од СССР, a Македонија од СФРЈ. Естонија има дури и помалку жители од Македонија. Сепак, по излегувањето од СССР, Естонија се одлучи да ја искорени корупцијата, да го замени застареното образование и да се сврти кон Запад. По 20 години државата може да биде пример и за многу поразвиени држави кога дигиталните услуги се во прашање. Дел од најголемите компании излезени од Естонија се: Skype, Transferwise, Pipedrive, Cloutex, Click & Grow, GrabCAD, Erply, Fortumo и Lingvist.
Примената на е-услуги е присутна без сомнение и во Македонија, но далеку во понизок степен од оние е-услуги во Естонија. Дигиталните потписи, пријава на даноци, вадење на документи од ЦРМ или Катастар има можност да се одвива по електронски пат, но платформите не се унифицирани, многу ретко има интеграција меѓу истите, не се стабилни и скоро да нема никаква соодветна поддршка доколку наидете на грешка, а од друга страна голем проблем е што многу администрацијата не се подготвена за нив, голем дел од неа ниту пак знае дека таквите услуги постојат.