Esoteric Ebb: Низ призмата на коцките, политиката и бизарните мистерии

Esoteric Ebb е уште една амбициозна RPG игра од изометриски перспектива, директно инспирирана од слободата и непредвидливоста која произлегува од традиционалните игри на маса. Но, што треба да знаете за да заклучите дали е ова игра само за вас?

Клучни карактеристики за Esoteric Ebb:

  • Интерактивен психолошки систем: На вашите сопствени статистики им се позајмуваат независни гласови кои се вклучуваат во секојдневните дијалози и ја откриваат нивната конфликтна природа.
  • Непредвидливост управувана од фрлање коцки: Секој значаен потег не може да се направи без да се фрли коцка. Дури и критичниот неуспех генерира уникатни и забавни наративни гранки благодарение на кои имате огромна вредност на преигрување.
  • Иновативно дрво на квестови: Интелигентен систем кој е како креативна спојка помеѓу вашите мисии и развојот на ликот. Самиот систе го менува вашиот стил на игра врз основа на исполенетите гранки.
  • Апсурден, но наративно богат свет: Градот Норвик нуди брилијантен, сатиричен спој на древна митологија, магични елементи и модерна градска бирократија.

Дејството во Esoteric Ebb е сместено во Норвик, градче кое е прикажано како необична пост-аркејнпанк метропола каде фантастиката се судира со урбаното секојдневие. Поради тоа, воопшто не би биле изненадени да видите како митолошки суштества работат како обични продавачи на весници, а старите религии се заменуваат со политичките идеологии. Во една ваква невообичаена, но крајно комплексна средина, ја презема улогата на државен службеник задолжен за езотерични настани. Придружувани од вашиот, ахем, лојален гоблински партнер, ќе навлезете во длабоко наративно искуство и ќе донесувате одлуки од клучна важност. За брзо време ќе откриете политичките интриги кои се испреплетуваат со бизарни настани во пресрет на првите историски избори во градот.

Размрдување на јадрото на општеството

Приказната во Esoteric Ebb игра огромна улога. Авторите се имаат потрудено уште на самиот почеток да ве вовлечат на драматичен и мистериозен начин. Откако ќе се разбудите во градската мртовечница, опкружени со трупови, ќе започнете со хаотично истражување и откривање на огромна завера која пушта длабоки корени во општеството. Низ текот на играта, принудени сте да маневрирате помеѓу различни фракции, па дури и да водите дебати со пијани сфинги и демони. Но, вистината која ќе ја откриете е со потенцијал да го спаси или целосно да го уништи градот.

Грешка како важен дел од патувањето

Esoteric Ebb силно се потпира на системите кои се инстантно препознатливи на љубителите на board games, каде фрлањето на виртуелни коцки го одредува исходот на тензичните ситуации. Она што особено се истакнува е психолошката длабочина на ликот. Имено, секоја статистика или способност поседува сопствен глас и конфликтно гледиште, постојано прекинувајќи ги важните разговори и обидувајќи се да влијае врз вашите одлуки. Благодарение на ваквиот, комплексно разработен систем дури и неуспешните обиди имаат фасцинантни и комични наративни гранки. За брзо време ќе откриете дека имате моќи за менување на реалноста, читање мисли или комуникација со мртвите. Ова дополнително отвора бројни патишта за решавање на проблемите надвор од конвенционалното насилство.

Но, во моменти кога дипломатијата ќе потфрли, Esoteric Ebb се префрла во потезен систем. Се работи за едноставен, но крајно функционален систем каде, повторно, коцките го имаат последниот збор. Иако тука нема да наидете на уникатен систем, ситуацијата е сосема поразлична во поглед на напредуивањето на ликот. Иновативното дрво на задачи е систем кој интелигентно ги спојува дневникот за мисии, мапата на умот и развојот на вештини. Поради ова, секоја завршена задача директно го обликува стилот на играње преку нови способности. Ваквите гејмплеј механики ја издигнуваат Esoteric Ebb над голем број други игри од овој калибар, дозволувајќи ви секое наредно попладне да е поврпечатливо од претходното.

Во поглед на графиката, изометрискиската перспектива одлично ја доловува мрачната, односно сатирична атмосфера на светот, силно потсетувајќи на играта од која е јасно инспирирана – Disco Elysium. Во Esoteric Ebb ќе наидете на бројни рачно цртани детали кои вдахнуваат посебен живот на градот, нешто што не се гледа само од уникатната архитектура туку и од експресивниот дизајн на самите ликови.

Бавен, методичен пристап кон раскажувањето

Имајте во предвид, меѓутоа, дека Esoteric Ebb силно зависи од RNG механиката на фрлање коцки, односно, вие фрлате коцки и ако имате среќа ќе успеете во намерата, или обратно. Ова, подразбирливо, може да предизвика фрустрација кај оние кои претпочитаат целосна контрола и предвидливост врз исходот на своите акции. Покрај тоа, константно ви се сервира огромната количина на текст (а, кога велиме огромна, мислиме ОГРОМНА), со сложените дијалози и специфичниот политички жаргон. Ова, пак, бара високо ниво на трпение и способност за лежерно, натенане играње.

Вистината е релативна, последиците се неизбежни

Доколку ви се допадна тоа што го прочитавте во горните редови, тогаш Esoteric Ebb максимално ќе ве импресионира. Се работи за комплексно и интелигентно напишано дело кое успешно ги спојува најдобрите елементи од дигиталните и традиционалните RPG игри. Нема никакво сомневање дека слободата на изборот, богатиот свет, политичките интриги и иновативниот пристап кон развојот на ликот нудат освежувачко искуство кое нема да биде лесно заборавено. Иако големата зависност од текстуални дијалози и механиката на фрлање коцки можеби нема да одговара на играчите кои бараат брза акција, љубителите на длабоки наративи и тактичко решавање на проблеми ќе пронајдат извонредно виртуелно патување.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments