Бугарскиот акцелератор Eleven се враќа со нова инвестициска рунда, но и со мали промени. Eleven сега ќе инвестира во помалку стартапи, но ќе инвестира повеќе време и пари во стартапите кои ќе ги вклучи во своите програми. Макасималната инвестиција во стартапи е зголемена од 200.000 на 1 милион евра, а во следните неколку години се планираат инвестиции од 15 милиони евра. Еleven во последните три години инвестираше околу 12 милиони евра во 113 регионални стартапи.
Што се однесува до компаниите во кои ќе инвестираат, најголем дел се веќе дел од Eleven, а бројот на нови компании во кои ќе инвестираат е околу петнаесет. Новитет ќе биде и директната инвестиција во стартапи кои ќе ги откриваат, без потреба од чекање за инвестициски циклуси. Циклусите на инвестирање остануваат, а директните инвестиции се само нивно надополнување.
Иако се бугарски акцелератор, Eleven заедно со Launchub, го таргетираат целиот регион во потрага по иновативни компании, и се одлична можност за прва рунда на инвестиции. Веќе имаме и македонски стартапи кои успеаја да влезат во нивните програми како Tesseract Interactive кои добија 30.000 евра од Launchub, и хрватско-македонскиот стартап u:Plug кои се една од ретките домашни стартапи што стигнаа и до втора инвестициска рунда од 100.000 евра од Eleven.







