Уште на прв поглед, El Dorado: The Golden City Builder делува на квалитетно осмислена стратегија која пушта длабоки корени во City Builder жанрот. Длабоко инспирирана од гигантите како Caesar и Tropico, El Dorado: The Golden City Builder успешно се надоврзува на претходно воспоставените урнеци, па дури и раздрмува одредени гејмплеј механики со тоа што дозволува користење и жртвување робови.
Во пресрет на судбината!
Одвивајќи се на полуостровот Јукатан, вашата задача ќе биде да го изградите најмоќното царство. Почнувајќи со една мала населба, ќе започнете етапно ширење така што ќе градите најразлични структури и ќе ги надградувате истите. Паралелно со ова, ќе биде потребно да ги задоволите боговите и да уживате во предностите на нивните благослови.
За остварување на овие две клучни цели, El Dorado: The Golden City Builder се изделува од останатите игри така што ви дозволува да собирате и користите исклучително контроверзна валута – робови. Што повеќе робови имате, толку подобри резултати можете да постигнете, како во поглед на проширувањето, така и во поглед на задоволување на боговите. Имено, за собирање ресурси и градење користите робови. За задоволување на боговите, пак, жртвувате робови.
Жртвувањето се прави во вашите храмови и ве наградува со божја заштита од најразлични катаклизми, како и плодна година. Но, доколку заборавите или не сакате да ги „соодветно“ испочитувате боговите, тогаш ќе наидете на значителни пречки во вашиот развој, односно, бројни сценарија кои се обрано-пропорционални од горе-споменатите бенефити.
El Dorado: The Golden City Builder е многу повеќе од едноставна стратегија во која градите и (не) водите инат на боговите. Чедото на Hobo Bunch и Gameparic ќе ви дозволи и присилно да освојувате нови земји како би го зголемувале бројот на робови. Паралелно со ова, ќе организирате воени експедиции, но и ќе имплементирате дефанзивни стратегии против оние што копнеат по тоа што го имате.
Но, не е се сјајно како што би можело да изгледа. Одредени багови со поставување структури и намалена видливост поради пренагласени визуелни елементи (како дрвја) можат до некаде го нарушат севкупното искуство. Дополнително, музичката подлога не е премногу инспиративна и знае да здосади по неколку-часовно играње. Надвор од ова, нам ни се допадна модерната графика и начинот на кој се изведени одредени механики во управувањето со цивилизацијата.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Hobo Bunch, Gameparic
- Издава: Gameparic, Games Incubator
- Жанр: City Builder
- Платформа: Microsoft Windows
- ќе излезе на: 17 јуни 2024