Tune е екстензија за прелистувачот Chrome развиена од Jigsaw, инкубатор основан од Google, кој сега е под Alphabet. Екстензијата сè уште е во тест фаза, но веќе се гледа дека ќе биде корисна. Засега филтерот е достапен за содржина на Reddit, Twitter, Facebook, YouTube и Disqus, што е голем дел од онлајн дискусијата.
Со помош на вештачка интелигенција Tune ги анализира коментарите оставени на веб-страниците. Екстензијата на корисниците им овозможува во целост да ги отстранат злобните и отровни коментари. Самото тоа што е во експериментална фаза секако говори доволно да претпоставите дека дел од коментарите кои треба да е бидат пропуштени, не се, и обратно; коментари кои треба да се филтрираат се пропуштаат.
Луѓето може самите да селектираат некој од коментари и да ги означат како „токсични“ или „безбедни“. Со ова се тренира вештачката интелигенција и станува подобра со повеќе користење. Системот е базиран на Perspective AI, а Google го има отворено овој систем на YouTube и сопствениците на каналите можат да го активираат на своите профили и да ги отстранат несоодветните коментари наеднаш.
Филтрирањето на содржина е во неколку нивоа, од Zen-нивото кое во целост ги отстранува сите, па и пригодните коментари, до никакво филтрирање и пропуштање на сè. Секако има и нивоа на филтрирање помеѓу што овозможуваат отстранување на навреди, пцости и слично. Дополнително, филтрирање е можно да се прави на различни платформи, па ако корисникот намести низок филтер на YouTube може да стави построг филтер на пример за Reddit.
Користењето е многу едноставно. По преземањето и инсталирањето на екстензијата корисникот се најавува со својот Google профил. Потоа ги одбира платформите на кои ќе ја користи. Конечно може да одбере помеѓу неколку предефинирани филтри за „тежината“ на филтрирање.