Минатата недела Google на листата земји во кои може да се користи Google Wallet ја додаде и Македонија. Компанијата последното проширување го најави на блогот на Wallet. Заедно со Македонија, паричникот на Google е достапен и за корисниците на Албанија, Аргентина, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Платформата на Google овозможува куп различни функционалности. Покрај плаќањето со Google Pay, овозможува чување на картички за автобуски превоз, лична карта или возачка дозвола, карти за качување (boarding pass), електронски клучеви за автомобил, па дури и потврди за вакцинации. Во Македонија Google Wallet е достапен за бесконтактно плаќање и како паричник за картички за лојалност.
Првично функционалноста е достапна единствено со VISA на NLB, но според дел од коментарите кои ги гледаме на форум Комерцијална и Стопанска банка наскоро би можеле да се приклучат, а некој пријавува и дека му работи и со Mastercard.
Што е Google Pay / Google Wallet?
Google Pay е дигитална платформа развиена од Google наменета за плаќање со паметни телефони и слични уреди. Компанијата започна да ја развива платформата под името Android Pay, но подоцна ја ребрендираше. Платформата им овозможува на корисниците да ги користат своите паметни телефони, таблет компјутери или часовници за бесконтактно плаќање во продавници.
Корисниците можат да го користат за онлајн купување, на веб-страници или во апликации. Плаќањето е побрзо, а корисникот не треба постојано да ги внесува податоците од платежната картичка.
P2P плаќање
Покрај ова овозможено е испраќање на пари преку QR-код, иако оваа услуга е достапна единствено за корисниците од САД. Овие P2P-трансакции се наменети за лични, а не и за деловни трансакции. Корисниците може да ги користат да испратат пари на пријателите или на семејството.
Интеграција со картички/програми кои ги наградуваат корисниците (loyalty)
Google Pay овозможува чување на податоците од лојалити картичките на телефонот. Нивното внесување е супер едноставно, а корисниците може да ги искористат за попусти кај трговците.
Поделба на сметка или побарување на пари
Апликацијата овозможува едноставна поделба на сметката помеѓу пријатели кои користат Google Pay. Ако некој останал должен, апликацијата има едноставен начин за корисниците да си ги побараат парите.
Интеграција со Google
За редовните корисници на различни сервиси на Google, Google Pay има интеграција со производите и сервисите на компанијата, Gmail, Google Play и виртуелниот асистент се дел од сервисите кои имаат интеграција со плаќањето.
Безбедност
Кога плаќањето е во прашање безбедноста е едно од најважните прашања. Google Pay има неколку функционалности со кои ја зголемува безбедноста на корисниците.
- Физичкиот број на картичката не се чува на телефонот.
- Без внесен пин не може да се направат трансакции над поставениот лимит.
- Ако телефонот е загубен или украден корисникот може да го заклучи телефонот или да ги избрише сите податоци.
- Ако корисникот не авторизирал некоја трансакција парите ќе му бидат вратени.
- Уредот со NFC сензор треба да биде на растојание од 4 cm од читачот, па случајно плаќање не е можно.
- Трансакциите имаат уникатен код кој оневозможува двојно плаќање на иста сметка.
- Внесените податоци за картичките се криптирани.
Google Wallet има различни сервиси во зависност од локацијата, а сите услуги не се достапни насекаде.
Како да го користите Google Wallet од Македонија
Засега Google Pay е достапен единствено за VISA корисниците од NLB банка. Ако имате оваква картичка сè што треба да направите на почеток е да ја преземете Google Wallet од Google Play. По инсталирањето треба да ја внесете вашата картичка.
Од некоја причина ако пробате да користите картичка која сте ја зачувале на Google претходно ќе треба телефонски да ја контактирате банката. Не го правете ова! Наместо ова повторно внесете ја картичката и по SMS ќе добиете број за активација на картичката. Штом го внесете бројот, подготвени сте за купување.
Од податоците кои може да ги внесете се неколку „Loyalty Program“-картички. Во моментов се достапни Setec, Ramstore, Tinex и Zegin. Внесувањето е со скенирање на кодот со камерата или со внесување на броевите. Двата начини секако се супер едноставни. Последна работа која треба да ја направите е да го активирате NFC сензорот.
Плаќањето е и поедноставно. На каса го отклучувате телефонот, го приближувате до уредот за плаќање, чекате потврда дека се е во ред и готови сте.
Истото може да го направите и на банкоматите со безжична функционалност. Го приближувате телефонот, и за помалку од секунда може да продолжите. За жал тука нема преголема предност, бидејќи понатаму си продолжувате на банкомат. Во неколкуте тестови кои јас ги направив на банкоматот немав никаков проблем, а читањето беше супер брзо.
Повеќе искуства и размислување од корисниците на ИТ Форум
Очекувано „форумџиите“ на ИТ.МК се израдуваа на доаѓањето на Google Pay во Македонија. Мислењата се позитивни, и засега преовладува ентузијазмот. Пренесуваме дел од коментарите…
Многу побрзо е плаќањето со G Pay наспроти NLB Pay тестирано денес (8 јуни)
Aowek
Google Pay ќе е супер ако навистина го имплементираат правилно! Има длабока интеграција во Android системот (пример можеш да имаш повеќе картички од различни банки, па да бираш со која плаќаш). Дополнително, може да значи дека и со Android саати ќе може да се плаќа што ја имаат истата технологија.
HijackHacker
До сега автоматски во МК ако си апликацијата ја снемуваше, баш ме интересира сега дали ќе остане и ќе работи.
Картицата ја додаваш во wallet, а тоа се интегрира со google pay сервисот. google pay апликацијата не мора да ја имаш (не не е конфузно уопште /s).
gdamjan во одговор на Enquito
Морам да се поправам.
Goran995
Пред малку пробав, навистина е побрзо од NLB Pay, инстантно е.
Како да продиша NFC-то, необјасниво е хахах
Дефинитивно најдобра опција за плаќање.
Batka23
Секако има членови на форумот кои не се воодушевени што Google има пристап до уште повеќе наши податоци.
Не е исто. Во овој случај имавме non google affiliated апликација, што мигрираше да користи гугл сервис и со тоа се скрати изборот. Сакал неќел мора да користиш Гугл.
dekomote
Со Епл, никогаш не си ни имал избор.
Нема за жал више приватност и тоа е тоа и ја би сакал да не знаат што правам. Те разбирам.
LEOtechforce
Имаш нешто да додадеш или да прашаш?
Приклучи се на темата “Користење Google Pay во Македонија” на ИТ форумот.
Жално е да се радуваме на иновација од пред 10 години. Но сепак подобро некогаш!
Pokraj Visa, i Mastercard kartickite na NLB Banka mozat da se digitaliziraat vo Google Pay