Discord започна со продавање игри низ целиот свет. Наредниот пат кога ќе навлезете преку оваа алатка за бесплатно комуницирање за гејмери, ќе го забележите јазичето Store и скромна понуда од игри. Поголемиот дел од ионака ограничениот избор веќе подолго се продаваат низ другите дигитални фронтови и шансите се дека веќе ги имате во вашата колекција, но две игри можат да се најдат ексклузивно на Discord. Minion Masters е бесплатна за играње moba варијатна со уникатни гејмплеј механики, а Bad North се рекламира како шармантен roguelite наслов со брутални тактики во реално време.
Секоја од игрите на Discord се внимателно одбрани од нивниот тим, со кратки објаснувања зошто се решиле да ја пласираат таквата игра на нивниот фронт. Ова се чини дека е клучната работа по која Discord планира да се разликува од Steam.
„За многу луѓе како нас, пораснавме во време кога многу мал број од игри се објавуваа. Паметиме како се губевме во страниците на Nintendo Power, PC Gamer, и други списанија за да добиеме некаква претстава за тоа какви наслови ќе излезат.“
Токму поради ова, секоја од игрите внимателно ќе биде избрана од тимот зад Discord.

Сите оние кои ќе се претплатат на поскапата претплата за Nitro, по цена од 10 долари месечно, односно 100 долари годишно, ќе уживаат во дополнителни Nitro предности, како пристап до колекција од игри како Soma, Torchlight 2, Inside, Shadow Tactics, и многу повеќе. Сега за сега, се чини како скромна понуда од наслови со кои најверојатно веќе сте се дружеле во изминатиот период.







