0 коментари 9 мин. читање 3 октомври, 2025

Dying Light: The Beast – Канонско враќање кон суровиот хорор.

Dying Light: The Beast се поставува како стратешки наративен инструмент дизајниран да ги пополни канонските празнини што останаа по Dying Light: The Following. Со враќањето на Кајл Кран, протагонистот од првата DL, Techland конечно става крај на сите нејаснотии кои произлегоа од двата катастрофални исходи за Кран. Покрај долго-очекуваното наративна кулминација, добивате и огромен свет за истражување кој е полн со впечатливи ликови за разговор и предизвикувачки ликови за масакар. Сево ова, уредно спакувано со крајно забавни гејмплеј механики кои никако нема да ве остават рамнодушни.

Приказната во Dying Light: The Beast започнува по трансформација на Кајл. За оние што одамна или никогаш не ја играле првата игра, Кран работел за организацијата ГРЕ, а подоцна станал заробен од Баронот. По 13 години тортура и експериментирање, низа ситуации ќе ви дозволат конечно да се ослободите, да се соочите со Баронот, но и да се изборите за контрола над вашиот внатрешен ѕвер.

Клучен елемент во наративниот дизајн е одлуката на Techland да се откаже од разгранетиот систем на избори што беше критичен за Dying Light 2: Stay Human. Со напуштањето на разгранетиот наратив се овозможува линеарна, дефинитивна приказна која го насочува вниманието кон емотивната тежина на Кран, давајќи му дава на насловот јасен, недвосмислен канонски пат, како и впечатливо продолжување на неговата приказна.

Квалитет, а не квантитет

Dying Light: The Beast е сместена во долината Кастор Вудс – нова, рачно-изработена локација која, како и двојноста во психата на Кајл, има осликано пејзаж на убавина и распаѓање, опфаќајќи туристички град, индустриски зони, национален парк, фармленд и мочуришта.  

Доколку сте ја играле двојката, тогаш лесно би можеле да забележите дека Кастор Вудс претставува директен контраст со огромниот, вертикално ориентиран урбан пејзаж на Виледор. Иако Кастор Вудс е помал во обем, на мапата е посветено значително повеќе внимание, полнејќи ја со бројни детали, што е одлична работа. Имено, наместо да се чувствува како генерична или копи-пејст мапа, секој детаљ во Кастор Вудс е дизајниран да ја зајакне имерзијата и да раскаже приказна за преживување.  

Поради пошумената и хоризонтална природа на Кастор Вудс, динамиката на траверзалот е драматично изменета. За разлика од постојаното скокање по облакодери во DL2, овде се соочувате со покомплексен терен, што го прави движењето поинтензивно. Благодарение на фокусот на помал, но погуст свет, успеѓмп се враќаат елементите на внимателно истражување и логистички предизвик, нешто што беше особено ценето во првата игра.  

Beast Mode

Dying Light: The Beast првенствено се истакнува со Beast Mode, при што можете да се префрлате помеѓу нормалниот стил на преживување и хибридната, ѕверска состојба. Трансформацијата е на правена на тој начин да бескомпромисно ве вовлекува во едно системско продолжение на наративниот конфликт на Кран.  

Имено, трансформацијата во Beast Mode се манифестира преку нехумани акти како кршење черепи, кинење глави и распарчување непријатели, одразувајќи ја неконтролираната, дива моќ која демнее во вас. Прогресијата на овие моќи е поврзана со посебен систем на вештини, честопати отклучен преку поразување на уникатни непријатели. На располагање имате кружен напад кој предизвикува крвавење, напад од воздух што ги турка непријатели и слични визуелно-грозоморни напади. За квалитетен и задоволителен масакар од епски пропорции имате можност за зголемување на времетраењето на режимот, како и зголемување на регенерацијата на здравјето, поттикнувајќи агресивен, но одржлив напад.  

Имплементацијата на Beast Mode, меѓутоа, е паметно балансирана и се прикажува како стратешки ресурс. Сепак се работи за борбата на Кран да го контролира ѕверот во себе, а не да дозволи целосно да го преземе, принудувајќи ве да се вратите на основните, примарни механики на преживување.  

На повисоките нивоа на тежина, бруталната и немислосрдната борба станува исклучително предизвикувачка. Непријателите се поадаптивни, нанесуваат поголема штета, а управувањето со издржливоста е критично поради бавната регенерација и високата побарувачка за изведување специјални акции. Покрај изведбата на борбата, Techland исто така го менува балансот на оружјето, а и ја враќа употребата на огненото оружје

Паркор движењето во Dying Light: The Beast  е приземно и реалистично, одсекувајќи  го вертикален паркор  на кој можеби навикнавте во DL2.  

За жал, овде немате пристап до познатиот параглајдерот, но куката за полесен вертикален пристап е задржана, иако остава впечаток на помалку ефикасна во споредба со DL2.  Иако на некои фанови би можело да им засмета ова, ние бевме сосема во ред со обидот да се врати прецизноста и конзистентноста што беа ценети во првата игра. Онаму каде нозете не се доволни, меѓутоа, возилата се враќаат за брзо покривање на растојанија помеѓу туристичкиот град и руралните области.  

Возилата имаат задоволителен стил на управување, со тежина која ги прави да служат не само како средство за транспорт, туку и како несопирливо оружје. Она што секогаш треба да го имате во предвид е дека одење пеш не чини ништо, но со користење на возилото ризикувате ем оштетувања ем потрошувачка на гориво.  

Она што ќе најдете во Dying Light: The Beast и она што најверојатно би ви се допаднало е враќање на ноќта како извор на чист, некомпромисен хорор. Ноќта штом падне имате опција да бегате, да се криете или да пробате да се борите за вашиот живот. Нема четврта опција. Што и да одберете од ова, напнатоста е на исклучително високо ниво. Со фокусирање на бегство и криење, DL:TB го враќа психолошкиот елемент на хоророт, сеприсутниот ризикот и надчовечката потреба само да се преживее и ништо повеќе од тоа.  

Во поглед на графиката, играта знае пријатно да ве изненади со преубави локации. Како што претходно напоменавме, местата се прекрасно осмислени, нудејќи впечатливи можности за истражување во уникатните зони. Одредени графички недостатоци, како пониски текстури и привремено мрзнење беше забележително, но брзо искоренето со дополнителните закрпи. Во поглед на музиката, ќе наидете на нумери кои одлично се вклопуваат со вашето константно паркор движење, а звуците се имаат погрижено постојано да сте во состојба на напнатост, особено кога ноќта ќе падне.   

DL:TB нуди робусно ко-оп искуство за до четири играчи, овозможувајќи ја целата кампања да се игра заедно, при што сите елементи на играта, вклучувајќи ги возилата и борбата, се интегрирани во мултиплеер.  Она што треба да се земе во предвид, меѓутоа, е тоа што иако гостите ги задржуваат сите заработени искуствени поени и собрани предмети, прогресот на главната приказна е врзан исклучиво за домаќинот. Иако не беше така на почетокот, сега стабилноста за време на ко-оп играњето е значително подобрено.

Dying Light: The Beast е важен наслов што успешно го враќа серијалот кон неговите основни принципи на интензивен survival horror. Особено ни е мило што одлуките на Techland допринесоа Dying Light: The Beast да се целосно фокусира на густина, емотивна тежина и сурова борба. Паралелно со ова, централната ѕверска механика дава забавна стратешка длабочина и задоволувачка бруталност, а високата вертикалност која беше препознатлива за DL2 сега е, сметаме, успешно заменета со за погустиот, хоризонтален свет на Кастор Вудс. Најважно од се, редефинирањето на ноќта одново ве враќа кон корените и пружа задоволително, иако, крајно напнато искуство.

Кога ќе се земат сите работи во предвид, Dying Light: The Beast не може да се каже дека го револуционира серијалот, но е ѓаволски добра и ефикасна рефинација. Ова е наслов кој докажува дека во дизајнот на отворени светови, фокусираното, интензивно искуство е исклучително важно, особено за љубителите на оригиналниот Dying Light, како и за оние кои бараат потешко, поатмосферско искуство со силен наративен фокус.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top