Директорот на Appel, Тим Кук со отворено писмо им се извини на корисниците на iOS 6. Писмото пред се се однесува на новите мапи кој се под квалитетот на досегашните, но и на очекувањата на корисниците. Покрај извинување до корисниците, изјавата доаѓа и со убедување дека компанијата работи на проблемот и мапите ќе бидат подобри.
„Мапите првично беа објавени во првата верзија на iOS. Како што минуваше времето, сакавме да им обезбедиме на корисниците подобра Maps апликација, која ќе вклучува упатсва, интегрирање на говор, прелет и векторски базирани мапи. За да го направиме ова моравме да направиме целосно нова апликација.”
Тим Кук обелодени и дека Apple Maps ги користат повеќе од 100 милиони корисници, а мапите биле разгледани речиси 500 милиони пати. Покрај ова мапите ќе бидат подобри колку повеќе корисници ќе имаат, пред се благодарение на коментарите на корисниците. Сепак факт е дека во моментов мапите не се на задоволително ниво, па г. Кук ги советува незадоволните корисници пребарувањата да ги прават преку Bing, MapQuest или Waze, но и преку прелистувач да ги користат мапите на Google или Nokia.
Сепак најсилната порака за корисниците доаѓа на самиот крај на писмото:
„Целта на сите наши продукти кои ги изработуваме е да бидат најдобри во светот. Знаеме што очекувате од нас, и ќе работиме постојано се додека Maps не биде на исто ниво со високите побарувања кои корисниците ги имаат од нас.“
Покрај тоа што писмото е признавање на нешто што на сите им е јасно дека Apple Maps во моментов не се доволно квалитетни, обраќањето на првиот човек на Apple до сите корисници покажува спремност да го заложи својот авторитет за подобрување на апликацијата. Тоа би морало да ги радува сите корисници на Apple уредите.







